Европски суд: „Убер“ е транспортна, а не комуникациска компанија


Европскиот суд на правдата денеска одлучи дека „Убер“ мора да се третира како транспортна, а не како комуникациска компанија, иако таа не оперира со професионални превозници.

Со ова Судот најави построго регулирање на услугите на популарната глобална компанија, која нуди евтини такси-услуги што може во иднина да опфати и други компании кои работат на слични принципи.

Тоа значи дека поврзувањето на луѓето со непрофесионални возачи преку-интернет апликации е дел од транспортниот систем. Аргументот на „Убер“ дека нивните услуги се целосно дигитални беше отфрлен. Одлуката не може да се обжали.

„Убер“ тврдеше дека станува збор за технолошка платформа за поврзување на патниците со независни возачи и дека тие не се класична транспортна компанија која се заснова на правилата што важат за такси услугите.

– Оваа одлука нема да ги промени работите во повеќето земји на ЕУ каде што ние веќе оперираме во согласност со законите за транспорт. Сепак, милиони Европејци нема да можат да користат апликации како нашата – стои во официјалното соопштение на „Убер“.