Европратеничката тројка повторно во Македонија: Нов обид за враќање на дијалогот


Тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои асистираа за време на политичките преговори во Пржино, повторно се во Скопје, овој пат во обид да ја обноват иницијативата „Жан Моне“, а со цел да се врати дијалогот меѓу партиите во земјава – далеку од очите на јавноста.

За утре се најавени средби на европарламентарците со претставници на водечките политички партии во земјава. Се очекува тие да се сретнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, со заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска и со спикерот на Собранието од редовите на ДУИ Талат Џафери.
Вајгл, Кукан и Флекенштајн ќе учествуваат и на 13. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања за државите од ЈИЕ кои се опфатени со процесот за стабилизација и асоцијација (КОСАП), која се одржува утре во македонскиот парламент. Конференцијата е поделена на две сесии на кои ќе се дебатира за „Европските перспективи на Западен Балкан“ и „Западен Балкан владеен од правото“. Паралелно, во друга сала во Собранието, е закажана и интерпарламентарна Конференција на тема „Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на европскиот парламент“, на која, исто така, ќе говорат претставници на Европскиот парламент, како и пратеници од парламентите на земјите кандидати за членство во ЕУ.

Процесот „Жан Моне“ беше инициран кон крајот на минатата година, кога неговата прва сесија беше планирано да се одржи кон крајот на јануари годинава во Париз во куќата на Жан Моне, еден од основачите на ЕУ, а следните состаноци да се одржуваат во други европски метрополи, но далеку од очите на јавноста. Сепак, состанокот на кој се очекуваше да има пратеници од сите политички партии во земјава беше одложен, најверојатно поради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, така што како нов термин за негово одржување се спомнува крајот на март. Во меѓувреме, пратеници од сите групи во Собранието беа во Лондон – во Вилтон Парк, на разговори за „поефикасен и понезависен парламент“, организирани од Британската амбасада во Скопје и Вестминстер фондацијата.