Евелин Фаркаш: Ова ви е веројатно последна шанса за НАТО


Евелин Фаркаш, Американка со унгарско потекло, деновиве учествуваше на прославата на годишнината од Рамковниот договор. Во нејзината биографија стои дека била заменик-помошник државен секретар за одбрана во администрацијата на Барак Обама, била инволвирана во процесот за прием на Црна Гора во членство во НАТО и сега е член на Атлантскиот совет. Нејзината генерална порака е Македонија да го зграби членството бидејќи прашање е дали уште еднаш ќе има таква можност.
Македонија се подготвува за референдумот за договорот со Грција околу името. Повеќето граѓани и натаму се против него и, како што изгледа, сакаат да го жртвуваат членството во НАТО заради името. Како гледате вие на тоа?
– Ова е можност за Македонија, Балканот и за меѓународната заедница. Ако македонскиот народ рече „не“, не знам каква ќе биде иднината за вашата земја и за регионот. Многу силни националистички и протекционистички сили работат на тоа да ја ослабат целата меѓународна заедница. Тоа не е дури само против Македонија, не е ни против Балканот, не е ни само против Европа, туку против светот во кој веруваме и за кој работиме заедно во институциите, за да создадеме мир и просперитет. И тоа е толку видливо. Ако вашите граѓани можат да го видат тоа и ако сфатат дека ова е нивната веројатно последна шанса, ќе биде потенцијална катастрофа ако ја отфрлат оваа можност.

Што ќе значи членството во НАТО за Македонија?
– Ќе значи стабилност и ќе значи дека сте безбедни од каква било надворешна закана, зашто членот 5 на Повелбата на НАТО значи дека сите ќе ве браниме. Второ, значи поголема помош за земјата во друг вид вонредни домашни, климатски и слични несреќи, така што ќе ја имате оваа голема оперативна алијанса да ви помогне полесно да се справите со нив, а вашата армија ќе може да ја брани Македонија подобро. Модернизацијата што ја бара НАТО, исто така, ќе ја направи посилна вашата земја бидејќи тоа бара владеење на правото и демократизација и, во суштина, да се биде речиси слеп за етничноста кога сте во армијата. Тоа, според мене, ќе ја направи Македонија посилна и ќе помогне да се зајакне идентитетот на државата. Ќе се прошири и областа на Балканот, кој сега е дел од стабилен регион, бидејќи во неа сега ќе бидат Хрватска, Црна Гора, Албанија и Македонија. Тоа ќе значи многу за земјите што не се внатре бидејќи ќе им даде надеж. Ако Македонија рече „не“ и не влезе во НАТО и во ЕУ, како мислите дека ќе се чувствуваат луѓето во соседните земји и што ќе се случи со Босна, на пример? Може повторно да има војна. Знам дека звучи малку лудо да се зборува за војна, но таа не е невозможна. Треба да се движите кон иднината, а не назад во минатото. Има многу сили во Русија, во Кина и во други делови на светот кои не се заинтересирани за силни трансатлантски институции. Тие го преферираат стариот систем на баланс на моќта во кој имаат предност. Со силни институции како ЕУ и НАТО, ние имаме предност. ЕУ е втора најсилна економија по САД во светот, а НАТО е единствената оперативна колективна безбедносна алијанса во светот. Тоа значи дека тренираме заедно, се распоредуваме заедно, се бориме заедно… а не нешто на хартија, какви што имаат воени односи некои земји. Тоа не е исто. Од членството, исто така, има и економски бенефиции кои за Македонија ќе бидат огромни. Ќе се бара да се приспособувате за да бидете во ЕУ. Веќе можете да видите и самите колку попросперитетна е Хрватска во однос на Црна Гора, иако се соседи, зошто едната е во ЕУ, а другата не.
Вие бевте инволвирани во процесот за приклучување на Црна Гора во НАТО. Тргнувајќи од тоа искуство, мислите ли дека сè уште се можни опструкции и пречки при зачленувањето на Македонија?
– Бев многу инволвирана околу Црна Гора и мојата канцеларија беше првата во САД што рече -добро, ќе направиме вистинско поттурнување, ќе работиме со Министерството за одбрана и со владата на Црна Гора за да се подготват што е можно подобро, бидејќи видовме можност за две години пред да се случи тоа. Работевме многу агресивно и ја внесовме Црна Гора во НАТО. Дури и тогаш имаше пречки зашто има земји, како Русија, кои не сакаат НАТО да се проширува бидејќи не сфаќаат која е неговата улога, погрешно ја разбираат и мислат дека постои заради нив. Да, за некои земји е тука заради Русија, но не за целата НАТО алијанса. На Балканот секако нема руска воена закана. За Балканот НАТО значи стабилност и превенција од војна.
Во однос на пречките, има земји членки што ќе речат – не, ние не сакаме да ја штитиме Македонија, таа е мала земја, не ни треба. Тоа се аргументи што може да ги изнесат некои земји зад сцена. Затоа, македонскиот народ треба да разбере дека ова е добра зделка за земјата. Секако, од Македонија ќе се очекува исто така да прават жртви кога ќе бидат напаѓани НАТО сојузниците. Важно е да се разбере тоа, но во исто време да се ценат сите бенефити што доаѓаат со членството за релативно мала земја. Има земји што би сакале да станат членки на НАТО, а мораат да чекаат.

Рековте дека нема да имаме втора шанса за прием. Сепак, кај нас владее чувство дека можеме да добиеме подобар договор со Грција, дека имаме време…
– Зошто Западот би ви дал уште една шанса? Треба да се грижи за Грузија и за земјите што сакаат да влезат во Алијансата. Земјите членки на НАТО имаат и други проблеми. Ако Македонија ја пропушти оваа можност, ќе падне на дното на листата бидејќи луѓето ќе памтат дека сте биле до точка кога сте можеле да станете членка на ЕУ и на НАТО, а вие сте изгласале „не“. Затоа, не гледам зошто Западот треба да ѝ даде на Македонија друга шанса. Македонија имаше среќа да има храбро раководство кое го постигна договорот со Грција. Бидејќи, знаете што? Ниту НАТО ниту ЕУ не сакаат нови членки во моментов и, ќе бидам многу искрена со вас, ниту еден лидер од ниту една земја, ако биде замолен да ја каже вистината, нема да рече дека сака нови земји членки. Македонија имаше среќа што доби покана сега. Но кој знае кога тоа ќе се случи повторно. Сега има многу трауми во меѓународниот систем, така што да мислите дека ќе има друга можност е илузија.
Оценивте дека Македонија и Грција треба да решат за иднината, не Кремљ. Гледате ли големо влијание на руската политика во нашата земја?
– Не можам да кажам точно бидејќи немам поминато доволно време тука. Но, она што го направија Македонија и Грција со потпишувањето на Договорот од Преспа и со протерувањето на руските дипломати поради хемискиот напад во Обединетото Кралство, беше покажување солидарност со нас во борбата против „путинизмот“.
Од Србија и Косово стигнуваат изјави што сугерираат дека двете земји ќе го решаваат спорот меѓу нив со размена на територии и промена на границата. Дали е тоа добра идеја?
– Не, не е, освен ако двете страни се договорат нешто и го направат тоа брзо, забрзувајќи го процесот на преговори што треба да доведе до нормализација на нивните односи. Се сомневам дека, што и да е предложено, може да ја забави нормализацијата. Зашто, верувам дека е во интерес на двете земји да ја нормализираат ситуацијата што побргу. Ако двете земји дојдат до некаков договор, секако не можеме јас или кој било да го проблематизираме тоа. Но секоја промена на границите мора да биде испреговарана дипломатски, а не да биде постигната со други средства.
Слободанка Јовановска