Евакуиран и заменик-министерот за правда


Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски бил исто така евакуиран за време на пожарот што избувна пред еден и пол час во објектот на Министерството во центарот на Скопје.

Ристовски ни изјави пред малку дека кога избувнал пожарот во Министерството за правда тој бил во својата канцеларија на четвртиот кат – еден кат под просториите што гореа.

„Не знаеме што е причината за пожарот, ниту колкава е штетата.  Тоа очекувам да го утврди истрагата. Сѐ уште сме на улицата пред Министерството, иако ни соопштија дека пожарот е локализиран.  Не знаеме ниту кои простории точно се зафатени од огнот“, вели Ристовски.

На прашање дали е можно од огнот да е уништена битна документација, тој вели дека не би требало да дојде до тоа. Односно дека таква документација не се чува во делот што го зафати пожар.

Ристовски е моментно највисок политички функционер во Министерството за правда, со оглед на тоа што министерот во овој ресор Билен Саљији поднесе оставка пред неколку седмици.