Д-р Нино Васев, директор на Онкологија: Нема доказ дека маслото од канабис лекува рак


Околу 4.000 лица годишно умираат од канцер во Македонија. Во последните 15 години, смртноста од канцерогени заболувања кај нас пораснала за девет отсто. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од рак расте, и според бројот на смртни случаи е трета во Европа. Д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, зборува за ефектот од лекувањето со канабис во случаи на канцер.

Македонија дозволи легализација на канабис за медицински цели, со потпис од специјалист. Каква е процедурата, дали лекарите од вашата клиника препишуваат канабис и за кои дијагнози?

– Тоа е законски дозволено под услов маслото да е од аптека, медицински испитано и дозволено за употреба од Агенцијата за лекови. Лекари го даваат кога пациентот инсистира, и тоа не често. Сепак, не е исто нешто да се дава затоа што е дозволено да се употребува и да се дава затоа што реално е потребно.

Дали пациентите бараат кај вас ваков начин на лекување и на колкумина сте го одобриле?

Тоа се изолирани и ретки случаи.

Лекува ли маслото од канабис рак?

– Не постои ама баш никаков доказ дека масло од канабис лекува рак.

Јавна тајна е дека стотици пациенти се лекуваат на црно, со масло од црниот пазар. Има пациенти што велат дека целосно се излекувале од одредено заболување со канабис откако конвенционални лекови не дале резултат. Вашиот коментар?

– Јас сум 30 години во Онкологија и за таков случај не знам. Истото го кажуваат и литературата и медицинските искуства. Да не се заборава дека станува збор за тешка болест во некои случаи и дека по евентуалниот неуспех на конвенционалниот третман, некои пациенти или семејства се одлучуваат за канабис или за нешто друго, што секако е нивно право.

Дали имате пациенти што одбиваат хемотерапија и лекови од медицината базирани на докази, и се лекуваат со алтернативни методи?

– Тоа ретко се случува. Докторот онколог треба во разговор со пациентот да му ги објасни последиците од неговата одлука. Сепак, пациентите не се неинформирани, како што беше случај пред повеќе години, и сметам дека целата врева во врска со маслото од канабис сега доаѓа во некои реални рамки.

Со какви лекови се лекуваат онколошки болните пациенти? Дали сте побарале нови лекови, кои би оделе на позитивната листа?

– Ние во моментов имаме 11 лека кои не се на позитивната листа. Во соработка со Фондот за здравствено осигурување и со Министерството за здравство се трудиме да ги имаме овие лекови до изработка на новата позитивна листа на лекови.

С.С.З.