Дукаѓин Липа: Иако Дуа е ѕвезда, ние водиме нормален живот


Живееме од ден за ден, опкружени со работа и со сето она што ја опкружува таа работа. Не размислуваме многу за тоа дека Дуа е голема светска ѕвезда и не сметам дека треба да се однесуваме поинаку. Имаме нормален живот, ова е нашата работа што ја работиме и се трудиме да ја правиме на најдобриот можен начин.

Вака го опишува секојдневието Дукаѓин Липа, татко на најпопуларна пејачка во моментов, Дуа Липа.
Тој како основач и директор на маркетинг-агенцијата „Република комуникејшн“, викендов учествуваше на панел-дискусија во рамките на ПИН-конференцијата во МКЦ, која е дел од програмата за одбележување на 20 години од фестивалот „Таксират“.

Во разговор за „Независен весник“, тој вели дека, иако Дуа е постојано во центарот на вниманието на медиумите, тие сепак водат нормален живот.
– Тешко е да најдеш слободно време и да не правиш ништо, или само да седиш дома, да гледаш филм и слично. Тоа најмногу го чувствува Дуа бидејќи таа е постојано во фокусот. Потребно е да се внимава на сите чекори што се преземаат во таа насока. Сите понекогаш сакаме да кренеме раце од сè и да правиме нешто сосема друго, но од ваква позиција тоа не е секогаш возможно – вели Липа.

Тој и неговата сопруга Анеса, како и двете помали деца Рина (17) и Ѓин (12), го користат секој слободен миг, семејството да биде заедно.
– Се трудиме колку што можеме да поминуваме повеќе време заедно. Кога Рина и Ѓин се на училиштен распуст, тогаш гледаме да се собереме сите и да бидеме колку што е можно повеќе заедно. Да отидеме на концерт на Дуа, да ја видиме, да поминеме барем една недела со неа, да имаме квалитетен семеен одмор – вели Липа.

Неговата помлада ќерка Рина веќе се фокусира кон актерската професија и ја има сета нивна поддршка во тој подвиг. Додека, пак, најмладиот од семејството Липа, Ѓин, сè уште истражува што сака да биде.

– Рина работи на тоа што го сака, да биде актерка и веќе се случуваат некои чекори во тој правец. А Ѓин сака да биде фудбалер, диџеј, музичар, пожарникар и многу други работи. Така што, ќе почекаме додека одлучи – вели низ смеа Дукаѓин.

На младите што потекнуваат од помали средини или општества, кои се во развој, како Косово, Македонија, но и останатиот дел од регионот, Дукаѓин им порачува никогаш да не се откажуваат од својот сон.
– Прво да го сакаат она што го работат, да вложат многу страст во тоа. Било да е музика или друга сфера, не треба да се откажуваат лесно, колку и да им изгледа тоа невозможно во одреден момент. Решително да целат кон успех – вели Дукаѓин.

Косово во последниве години доживува креативна експанзија во повеќе сфери од културата. Се чини дека ова се случува со секоја млада земја во првите години од осамостојувањето. Токму на приштинскиот музички фестивал „Сани хил“, чиј организатор е Дукаѓин, годинава низ три вечери беа презентирани многубројни музички таленти кои се со потекло од Косово, а веќе создаваат интернационална кариера некаде низ светот.

– Наскоро мислам дека ќе слушнеме за уште нови имиња што доаѓаат од Косово или од овој дел од светот, кои ќе предизвикаат бранови на глобалната сцена. Креативноста секогаш била добрата страна на Приштина, секогаш сме имале алтернативна страна и од музичката, но и воопшто од уметничката сцена – вели Липа.
Според него, јазичната бариера можеби била пречка за уметниците од Косово во времето на Југославија, но работите се менуваат, па сега добиваат на цена и тамошните артисти.
Семејството Липа во 2016 година основаа и хуманитарна фондација преку која ги стимулираат и им овозможуваат на талентираните деца од Косово да творат во подобри услови.
Годинава, тие донираа 100 илјади евра на непривилегирани делови од општеството. Дел од парите беа наменети за фестивали и музички училишта од Косово, а остатокот за деца со посебни потреби.

Ивана Настеска
Фото: Стефан Самандов, приватна архива