ДУИ почнува референдумска и партиска кампања


Демократската унија за интеграција ги ангажира сите свои потенцијали за мобилизацијата на албанското гласачко тело за претстојниот референдум. По промоцијата на централниот штаб на партијата, на чело со Атила Реџепи, утврдено е основањето на штабовите за референдумот во сите ограноци на ДУИ. Доделени се задачи на 35. шефови на општинските штабови. Усвоена е стратегијата на дејствување на терен од структурите, а била споделена и политичката платформа за референдумот.

Од агендата на ДУИ воочливо е дека „интегративците“ овој период до референдумот ќе го искористат и за враќање на нарушениот партиски имиџ кај албанскиот електорат. На последните парламентарни избори ДУИ од 15 пратеници се сведе на 10, односно забележа минус од околу 70.000 гласа.

Министри, заменици министри, државни секретари, пратеници и други носители на јавни функции од ДУИ, предводени од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вчера стартуваа со карванот „Твојот глас“ во Општина Теарце. Секој во својот ресор одговараше на прашањата и проблемите кои директно им ги посочуваа жители на оваа општина во Тетовско.

„Сакаме на сите граѓани да им овозможиме вакви тет-а-тет средби со носителите на различни јавни функции, односно да ја доближиме власта до граѓаните. Искрено од многуте обврски што ги имаат функционерите, државни политики и слично тие знаат во тек на мандатот да се оддалечат од граѓаните. Тоа е најголемата грешка што може да му се случи на државен функционер“, вели Османи. Гледајќи ги големите политики, додава тој, се заборава на малите барања и секојдневните обврски што граѓаните ги имаат. „Ова на некој начин е мини-седница на Владата, но во општините со директна средба со граѓаните“, нагласува Османи. Како главен преговарач во евроинтеграцискиот процес Османи очекува дека овие средби ќе му овозможат појасна слика за ваквите барања при градењето на државните позиции во преговарачкиот процес со ЕУ.

„Овој месец ќе го искористам на средбите да зборувам за НАТО и ЕУ. По референдумот, ќе продолжиме со средбите од карванот ‘Твојот глас’ бидејќи тие не се поврзани со него, но овој месец ќе го искористам и за таа тема“, рече Османи најавувајќи дека средбите ќе продолжат до крајот на мандатот на владејачката гарнитура.

За денеска во Тетово, пак, е закажан првиот референдумски митинг, кој ќе се одржи во спортската сала на средното медицинско училиште. Кампањата треба да кулминира со завршен митинг во Скопје. „Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат. Не само денеска, туку и во наредните денови во остварување на нашата цел, интеграција во евроатлантските структури“, велат од ДУИ.

Покрај средбите со граѓаните, партијата најавува учество на свои претставници во дебати со академскиот свет и цивилното општество. „Нашите активисти ќе тропнат на вратата на сите граѓани и ќе ги повикаме да гласаат на 30 септември за евроатлантска Македонија. Цениме дека референдумот е одлучност на граѓаните за ЕУ и НАТО“, порачуваат од ДУИ повикувајќи ја опозицијата да се придружи кон прогресивните сили и да гласа „за“ или против на референдумот.

Дали ДУИ ќе успее во доволен број да ги мобилизира албанските гласачи е клучното прашање, велат аналитичарите, со оглед на тоа што последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека довербата во ДУИ е во целосна стагнација, а се бележи и извесно опаѓање на поддршката што Албанците му ја дадоа на СДСМ на последните парламентарни избори. Згора на тоа, албанскиот електорат е демотивиран и незадоволен од албанските партии. На последните парламентарни избори, на пример, во шестата изборна единици каде што е доминантана албанската етничка заедница одѕивот бил нешто повеќе од 51 отсто, наспроти близу 73, 74 отсто во првата (скопска) изборна единица. (Н.К)