ДУИ не верува дека Богов ќе биде реизбран за гувернер


Владејачката ДУИ не верува дека Димитар Богов ќе биде реизбран за гувернер на НБРМ, откако претседателот Ѓорге Иванов го предложи повторно за функцијата.

„Тешко дека Богов ќе биде повторно избран за гувернер. Предлогот на Иванов е уште една негова избрзана, некоординирана и еднострана одлука, која ја прави кохабитацијата многу тешка“, вели пратеникот на ДУИ Артан Груби во изјава за „Независен весник“.
Груби посочува дека пред да го даде предлогот Иванов требало да се консултира со парламентарните партии, вклучително со партиите од мнозинството.

ДУИ и во 2011 година, кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, беше против предлогот на Иванов за гувернер на НБРМ. И тогаш, ДУИ реагираше дека Богов е номиниран без Иванов да се консултира со другите парламентарни партии. Поради тоа интегративците ја напуштија собраниската седница на која за изборот на Богов гласаа само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група броеше тогаш 62 члена.

Релациите меѓу Иванов и ДУИ се посебно затегнати од претседателските избори во 2014 година, кога Али Ахмети бараше консензуален кандидат за шеф на државата.