„Дрисла“ почнува со тестирање на филтерот за ПМ10


По речиси еден месец доцнење, чадот од „Дрисла“ од денеска конечно ќе минува низ системот за филтрирање што ќе треба да ги апсорбира честиците ПМ10, сулфур диоксидот и другите отрови што се ослободуваат при согорувањето на медицинскиот отпад. Изминатиов викенд привршуваше монтажата на држачите за сондата преку која ќе се вршат мерењата на испуштениот чад. Во меѓувреме, се поставила и електрониката на системот, поради која се проби очекуваниот термин за филтрирање на чадот. Дождот, како што тврдеа надлежните, попречил во монтажата на електроника и автоматски целиот процес не можел да се заокружи. „Речиси сѐ е готово и планираме денеска да почнеме со пробно тестирање на целиот систем, чии делови парцијално и во изминативе денови беа подложни на проби. Печката ќе се пушти во погон за неколку дена“, изјави за „Независен весник“ Драги Давчевски, претставник на Град Скопје во уделот на градската власт во „Дрисла“. Тој појасни дека доколку резултатите од мерењата се позитивни, печката ќе може да започне со работа. Печката сега ќе работи на гас, за разлика од претходно кога работеше на нафта.

Монтажата на водниот филтер практично ќе значи испуштање чист воздух од согорениот медицински отпад. Филтерот ќе се користи сѐ до поставувањето нова печка, за која веќе е издадена дозвола од Министерството за транспорт и врски.

Концесионерот „ФЦЛ амбиенте“ има рок инселераторот да го набави до април годинава.

Владата на почетокот на годината му наложи на концесионерот да набави нова печка за согорување медицински отпад, откако се потврди дека емисиите што ги испуштала веќе постоечката печка ги надминуваат дозволените граници. Тоа беше причината поради која „Дрисла“ заработи казна од 8.500 евра, а истовремено ѝ се наложи до средината на февруари да вгради соодветни филтри. За превентивно да се спречи дополнително загадување на воздухот, на менаџментот му беше наложено да ја ограничи работата на постоечката печка, односно дозволено е согорување отпад во рок од осум часа.

Неодамна на брифинг со новинарите градоначалникот Петре Шилегов и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули информираа дека концесионерот требало да набави нова печка до март 2014 година. Набавката не била спроведена затоа што тогашната влада, преку Министерството за транспорт и врски, не ја дала потребната градежна дозвола. Тоа се случило дури неодамна, односно во октомври минатата година, „Дрисла“ ја добила потребната дозвола. Која е логиката зад таквата одлука не е познато бидејќи на тој начин свесно се оставило да продолжи загадувањето на градот.

Деспина Трајковска-Димова