Државно првенство во карате: Макпетрол најуспешен со девет медали


Тимот на Макпетрол го освои првото место на Државното првенство во карате за кадети, јуниори и постари јуниори (У21) што викеднот се одржа во Скопје. Неговите претставници освоија вкупно девет медали од кои шест златни, два сребрени и еден бронзен на турнирот на кој учествуваа каратисти од цела Македонија кои се натпреваруваа во дисциплините кумите (борба) и кати во поединечна и екипна конкуренција.

„За нас како клуб беше најважно докажаните репрезентативци во највозрасната категорија (У21), Спасеновски, Пендаровска и Мојсовска да го потврдат својот квалитет и да станат државни шампиони. Сега ни преостанува во следниот временски период да ја темпираме формата и да имаме забележителен настап и на Балканското првенство што треба да се одржи во декември во Дубровник. Потоа сите спортисти кои ќе ја исполнат критериумската норма во февруари идната година, ќе нè претставуваат на Европското младинско првенство, истакна тренерот Бошко Заборски.