Државното милениче на пат на стане сираче


Државното милениче забрзано се движи кон нов статус на сираче. Фудбалскиот клуб Вардар е далеку од „златното доба“ што почна со влезот на рускиот тајкун Сергеј Самсоненко во 2014 година како последен субјект во „црвено-црната“ спортска империја чиј дел тогаш веќе беа машката и женската ракометна екипа. Со уплата од 81.000 евра го презеде комплетниот пакет на акции (51 отсто од Град Скопје и 49 отсто од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор) и стана апсолутен газда на најтрофејниот македонски клуб. Во договор што го потпиша при зделката, се обврза да вложува најмалку 1,5 милиони евра по сезона за наредните десет години. Но, соработката ќе има предвремен крај.
Четири години подоцна клубот е во крајно незавидна состојба и во мрежа на неизвесност каква многупати преживуваше по осамостојувањето на Македонија. Пикот на резултатски план го достигна во сезоната 2010/11 во која на зелен терен не успеа да опстане во Прва лига, но срамот го избегна на зелена маса со фузија со тогашниот второлигаш Миравци кој, пак, преку бараж се стекна со право да биде дел од елитната ни фудбалска конкуренција во својата клупска историја.

Клубот должи 7-8 плати и премии за ЛЕ, играчите деновиве „освежени“ со 2.500 евра

Народната „од коњ на магаре“ совршено одговара на ситуацијата во која е западнат клубот и забрзано тоне. Само сезона по историскиот пласман во групите во Лига Европа, вардарци имаат побарувања, според некои за седум плати, според некои за осум. Деновиве, според наши извори, биле „освежени“ со 2.500 евра по човек што е само мал дел од вкупниот долг со оглед дека во ростерот на Александар Васоски има поединци во чии случаи споменатата сума, неофицијално, е половина плата, а кај некои третина.
Но, тоа не е се. Фудбалерите имаат побарувања и по основ на премии за пласманот во главната фаза во второто по ранг натпреваривање на УЕФА што европската централа, според извори на „Независен“, ги исплатила во декември лани, но, извори брифираат, дека тие не завршиле ниту на рака ниту на сметки на играчите.

Тренерите во Академијата се заканија со штрајк, па добија три плати

Периодот со побарувања се јавија и тренерите во младинските категории. Неофицијално, се однесуваат на седум неисплатени плати поради што се заканиле со прекин на работата што во некои денови се случило, но без континуитет. Незадоволството е амортизирано со покривање на три месеци, за останатиот период добиле ветување дека ќе биде до крајот на календарската година, велат нашите соговорници кои инсистираат на анонимност.

Тренинг комплексот на ден без струја и подолг период без интернет

Финансиските проблеми го отежнуваат функционирањето на Вардар и по други основи. Тренинг комплексот во Хиподром, неодамна, на еден ден останал во мрак (исклучена струја) и подолг период, според наши сознанија, бил без интернет.

Работната дозвола за Барсегјан нема да биде обновена

Екипата со спогодбен раскин на договорот ја напушти Бразилецот Хуан Фелипе уште во минатата сезона, а во финишот на есенскиот дел од првенството ќе има разделба и со Тигран Барсегјан. Договорот на Ерменецот и „црвено-црните“ е до крај на 2018 година, но проблем е истекот на работната дозвола што истекува порано и нема да биде продолжена. Сето тоа е дополнителен показател за новото тонење на Вардар во поновата историја и во таков сплет на околности ќе биде тешко остварлива и мисијата за излез во Европа за сезоната 2019/20.
Најголемиот успех на Вардар под водство на Самсоненко се случи лани со пласманот во групната фаза во Лига Европа. Сензационално беше елиминиран Фенербахче во баражот што донесе мечеви против Реал Сосиедад, Розенборг и Зенит Санкт Петербург.

Дома се нудат, од надвор го меркаат клубот

Град Скопје се гледа како опција за спас на Вардар. Уште во летниот период почнаа преписки по медиуми и социјални мрежи дека клубот до крајот на годината ќе се врати од каде што беше земен во 2014 година. Но, состојбата и тогаш и сега е статус-кво.
„Град Скопје е сопственик на 51 отсто од акциите во фудбалскиот клуб Вардар. Сегашните сопственици на кои Град Скопје го отстапил својот удел, нѐ информираа дека во наредниот период, најверојатно, ќе се откажат од сопственоста. Сепак, кога официјално ќе седнеме да разговараме, тогаш ќе информираме што и како понатаму“, изјави градоначалникот Петре Шилегов за „Независен весник“ на 14 август.
Пред почетокот на сезоната се шпекулираше дека процесот ќе биде експрено завршен и вардарци во неа ќе влезат со нова менаџерска структура и без рускиот бизнисмен. Првенството почна, полусезоната ќе заврши на почетокот на декември, а Вардар сè уште не е вратен на управување кај градските власти.
Покрај Град Скопје, „Независен весник“ дознава дека интерес за преземање на Вардар има од три странски субјекти чии имиња се чуваат во тајност.

ЖРК Вардар остана без ЛШ во оваа сезона

Судбината на женската ракометна екипа на Вардар беше најава за она што ќе следува. По петте последнователни настапи на Фајналфор турнирот во Лигата на шампиони во Будимпешта, управата на клубот се збогува со интернационалниот костур на тимот што го сочинуваа Амандин Лејно, Јованка Радичевиќ, Андреа Пенезиќ, Александра Лакрабер, Барбара Лазович, Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ, Андреа Чанаџија, Полина Кузнецова, Андреа Кликовац, Татјана Хмирова, Ина Суслина, Сара Ристовска.
Женската ракометна секција на Вардар е сведена на настапи со млади ракометарки и без учество во Европа.

Судбината на ракометарките на прагот на ракометарите

Се шпекулира дека примерот на женската екипа на Вардар ќе биде пресликан и во машката по завршување на тековната сезона. И таа станува се поголем товар за раководството на клубот кој летоска ги ослободи од обврски добар дел од играчите како Мијајло Марсениќ, Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Илија Абутовиќ, Жоан Кањелјас, Хорхе Македа, итн. Во меѓувреме беа ангажирани играчи во обид за создавање на конкурентен состав за Лигата на шампиони, но се погласни се гласините дека „мечката од соседните дворишта“ ќе заигра и кај европскиот шампион од 2017 година.

Сашко Ѓ. Димовски