Државниот архив ќе се сели во нова зграда


Владата го задолжи директорот на Државниот архив да изготви акциски план за изградба на нов објект со кој ќе се постигне заштита на долг рок на архивската граѓа, изјави на денешната прес-конференција министерката Зорица Апостолска, објаснувајќи ја вчерашната одлука на Владата за трајно решение на зградата на Државниот архив.

– Одлуката е врз основа на пошироки консултации и фактички увид на лице место, со што се соочуваат сите три инволвирани институции. Најсоодветно решение е да биде изграден сосема нов објект со сите потребни стандарди кои сега ги немаат. Со менување веќе донесени одлуки и пореметување други институции ќе создадеме нов проблем од ист карактер, изјави Апостолска.

Како поддршка на оваа одлука, дополнително посочи таа, се вклучила и итната потреба за санација на атмосферските води во постоечкиот објект.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, посочи дека архивските материјали во моментот се заштитени и ниту еден материјал не е оштетен.

– Ова е проверено. Имаме комисиски записник. Направен е увид. Во старото депо се уште се чуваат архивските материјали и ќе продолжат да се чуваат и правиме трајно и конечно решение. Не можеме да направиме решение, со кое ќе отвориме други два проблеми, изјави Бошњаковски.

Во однос на чинењето на ова решение, Апостолска посочи дека директорот на Архивот треба да изработи план, во кој ќе бидат таксативно опишани сите активности за изградба и во соработка со Министерството за финансии да изнајде финансии.

– Секако Владата има свесност дека тоа ќе биде поскапо отколку враќањето назад, но имајќи го предвид значењето на сите институции, особено на архивскиот материјал најцелисходна одлука е да се гради нов објект, изјави Апостолска.

Прашана зошто не се прифатило решението за враќање на архивот во старите простории, Апостолска, рече дека одлуката за селење е донесена уште во 2012 година.

– Таа одлука е донесена и е на сила. Фактичкиот увид, наспроти оваа одлука, е што Основното обвинителство се наоѓа пред вселување и направени се пренамени во последните неколку години. Потрошени се средства и направени се специфични лаборатории и истражни центри и самата институција е пред непосредно вселување, изјави Апостолска.

Нагласи дека дека депото во старата зграда се уште е на располагање на Државниот архив.

На новинарско прашање, што доколку нешто во меѓувреме се уништи и чија ќе биде одговорноста, Апостолска, рече дека одговорноста треба да се бара таму каде и кој си ја донел одлуката.

– Би требало Државниот архив да си ги испитува тие состојби и да си предлага активности и иницијативи, рече Апостолска.