Државата лани изгубила над 18 милиони евра поради нелегалниот бизнис со режан тутун


Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје деновиве заплени над 317 килограми сечкан тутун за пушење кој требал да биде пуштен на продажба на „Бит пазар“ во Скопје, а за кој не била платена акциза во висина од околу 500.000 денари. Под сомнение за шверц на режан тутун против три лица се поднесени кривични пријави. Од МВР соопштија дека на 06.03.2019 околу 19.00 часот тројцата го донеле тутунот во изнајмен магацински простор во близина на „Бит пазар“. Во моментот додека го внесувале во магацинот, биле затекнати од полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција Алфа при СВР Скопје. Во возилото биле пронајдени 80 кутии фино сечкан тутун од по 850 грама, а при извршениот претрес во магацинскиот простор биле пронајдени уште 286 кутии со иста грамажа, како и 19 пластични ќеси од по 350 грама.

Нелегалниот бизнис со сечкан тутун последниве години е во голем замав, на што неодамна алармираа од Стопанската комора на Македонија. Според проценките на Комората, буџетот на државата лани изгубил повеќе од 940 милиони денари (или близу 9 отсто) во акцизни давачки поради нелегалниот тутун. Дополнително, државата изгубила уште 200 милиони денари од ДДВ. Севкупно, државниот буџет лани изгубил повеќе од 1,1 милијарда денари или 18,5 милиони евра.

Претставниците на тутунската индустрија во земјава предупредија на огромен пораст на нелегална продажба на режан тутун, кој последниве две години веќе може да се најде насекаде, и истовремено предупредија дека поради сивиот пазар на режан тутун, легалниот пазар на тутун ќе претрпи пад повисок од 11 отсто. Ова е алармантно ако се знае дека во периодот од 2015 до 2017 година просечното годишно намалување на пазарот било блиску до 1,9 отсто. Или, поради раст на цените на цигарите од 2015 година наваму, како последица на перманентно зголемување на акцизата, би се очекувало вкупниот пазар да се намалува помеѓу 2 и 4 отсто годишно. Сепак, намалувањето на пазарот во 2018 година е далеку поголемо, а главното објаснување на разликата помеѓу очекуваното и намалување (2 до  4 отсто) и фактичкото намалување (11 отсто) е токму раст на нелегалниот пазар на режан тутун. На тоа укажува и фактот дека најголем пад на акцизни контролни марки е забележан за најевтините легални брендови, што значи дека потрошувачите на најевтините легални брендови се префрлаат на режан тутун.

Продажбата на нелегален  тутун стана општо раширена, па денес може да се купи на кој било зелен пазар ширум земјата, дури и во некои малопродажни места, преку испорака до дома со нарачка преку мобилен телефон итн. Истовремено има и огромен пораст на туби за виткање хартија, што се користат само за режан тутун.

Според еден од продавачите на режан тутун, неговата дневна продажба варира од 100 кг до 150 кг и тоа само на едно „продажно место“ на еден пазар. Истовремено, претставниците на легалните увозници на режан тутун велат дека  од она што може да се најде на пазарот, само 20 отсто е увезено легално, а се друго е тутун влезен по нелегални патишта.

Она што е исто така загрижувачко е што нелегалниот тутун претставува сериозно здравствено прашање, затоа што има непознато потекло и сомнителни состојки, без каква било контрола на квалитетот.

Од Стопанската комора предупредија дека доколку Владата веднаш не започне со сеопфатна борба против трговијата со нелегален тутун, државните приходи од акцизи на тутун уште повеќе ќе се намалат во блиска иднина. Односно дека загубите од акцизни давачки би можеле да достигнат 1,8 милијарди во 2019 година и 3,3 милијарди денари во 2020 година, со дополнителни загуби од ДДВ од 400 милиони денари во 2019 година и 740 милиони денари во 2020 година.