Државата да внимава со инвестициите, порачува бизнис заедницата
Власта да внимава со инвестициите, да вложува во она што навистина ќе даде резултат и да ги поддржи извозно ориентираните компании, порачува бизнис заедницата за претстојната 2018 година.
Стопанствениците очекуваат да се отвори прашањето за натамошните перспективи на одредени индустриски сектори, дали и како тие ќе се поддржуваат и развиваат, и преку аргументирани стручни дебати да се моделира долгорочната стратегија за економски развој.
Воедно сугерираат, со јасно поставени и дополнително разработени критериуми, уште на почетокот на годината да се операционализираат предвидените владини мерки за економски раст.
На надворешен план, пак, битно е раздвижувањето на економските односи меѓу земјите од Западен Балкан. Во овој контекст, позитивна е најавата за забрзан пораст на економијата во ЕУ, пред се на Германија со оглед дека тоа е економијата со која имаме најголема надворешно трговска размена.
Според Стопанската комора на Македонија, среднорочно гледано, земјава може да постигне повисока стапка на раст, и над пет отсто. додека според Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), минимум 4,5 до пет проценти раст во следните четири до пет години се неопходни за консолидирање на домашната економија. Проценката од 3,2 отсто раст за 2018 година е реална, смета СКСЗМ, но тоа не е доволно.
– Очекувањата се јасни, сите активности и капацитети да бидат во функција на зголемување и поддршка на проиэводството, извозот, инвестициите, пристапот до финансирање на компаниите и продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес со цел зајакнување на конкурентноста на македонската економија, велат од Стопанската комора.
Укажуваат и дека за раздвижување на економски план, неопходен е повисок степен на реализација на капиталните инвестиции предвидени во Буџетот.
СКСЗМ очекува позотивна година и бара да се внимава со инвестициите.
– Инсистираме приоритет да имаат оние инвестиции што ќе значат придобивка. Тука треба да се насочи политиката на власта. Најбитно за нашата економија е повеќе да се субвенционират и поддржат извозно ориентираните компании, нагласува претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа.
За извршниот директор на СКСЗМ Дрилон Исени последниот квартал од 2017-та и растот од 0,2 отсто даваат надеж дека 2018 година ќе биде позитивна.
– И консолидацијата на Владата на сите нивоа дава надеж дека фирмите ќе се вклучат повеќе во економските активности, смета Исени.
Во однос на 2017 година, двете комори се согласни дека политичката криза која предолго траеше, се одрази врз економскиот раст и развој, но имаше и силно влијание врз билансот на меѓународната економска соработка. И покрај поволното макроекономско опкружување, во услови на закрепнување на економската активност на ЕУ како најзначајна дестинација за пласман на македонските производи, имавме забавена динамика на економските активности, со негативно отстапување од проекциите за 2017 година.
– Минатава 2017-та беше тешка зашто долго време имавме политичка криза која се провлекуваше и претходните години, што секако се рефлектираше врз економскиот раст и развој. Политичката криза траеше предолго, имавме локални избори и тоа придонесе за стагнација на економските активности, нагласува извршниот директор на СКСЗМ.
Намалената економска активност Стопанската комора на Македонија во најголем дел ја поврзува со релативно послабите перформанси во градежниот сектор во однос на исклучително високиот раст изминатиот период.
– Пад на додадената вредност има и во индустријата и во дел од услужните дејности. Oд друга страна, земјоделството и трговијата, транспортот и угостителството бележат раст, што влијаеше во неутрализирање на неповолните остварувања во останатите сектори. Наспроти тоа, во првите 10 месеци од 2017 година, повисокиот раст на извозот (4,15 милијарди евра и раст од 16 отсто) од увозот (5,6 милијарди евра, со пораст од 11,8 отсто) на расходната страна е позитивна карактеристика, но од друга страна истата е резултат и на намалените економски активности, односно намалениот увоз на суровини и репроматеријали, намалените залихи од готовото производство. Според тоа, растот не е потикнат од повисок обем на производство во наведениот период, велат од Комората.
Индустриското производство за 10-те месеци во 2017 година има минорен раст од само 0,1 отсто, а производството кај преработувачката индустрија, која структурно учествува со 82,9 проценти во вкупното индустриско производство, е намалено за 0,7 отсто со што се потврдува негативната тенденција.
– Сепак, охрабрува податокот на пораст на индустриското производство кај секторите со средно висока технолошка интензивност (производство на машини и уреди, основни фармацевтски производи и препарати, компјутерски и оптички производи,…), како и кај секторите со поголемо учество во преработувачката индустрија (производство на други неметални минерални суровини, на тутунски производи и на пијалоци), посочуваат од Стопанската комора.
Според деловните тенденции во преработувачката индустрија, очекувањата се дека обемот на производсвото и бројот на нововработени во наредните три месеци ќе расте. Клучен предизвик останува потребата за квалификувана работна сила, имајќи предвид дека континуирано расте недостигот на соодветен кадар за потребите на пазарот на труд.
(МИА)