Драма во Киев: Демонстрантите го ослободија Саакашвили, тој ги повика на протести


Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили денеска беше ослободен од своите поддржувачи откако претходно беше уапсен во својот стан во Киев, објави РТ. Тој ги повика своите поддржувачи да се упатат кон плоштадот Мајдан и оттаму да бараат смена на украинскиот претседател Петро Порошенко.

Како што се наведува, Саакашвили бил ослободен од автомобилот со кој полицијата го превезувала на сослушување. РТ вели дека следбениците на Саакашвили го однеле поранешниот претседател на Грузија во блиската црква каде што тој им се обратил на поддржувачите.

Тој ги повикал луѓето што го поддржуваат да го окупираат познатиот плоштад Мајдан и да го сменат украинскиот претседател Петро Порошенко и неговата банда.

Претходно денеска украинската полиција во Киев го уапси поранешниот грузиски претседател и актуелен украински опозициски лидер Михаил Саaкашвили под обвинение за обид за соборување на власта.

– Саакашвили е обвинет за обид за уривање на уставниот поредок – изјави неговиот адвокат Павло Богомазов.

Властите информираа дека пред апсењето Сaакашвили се заканувал дека ќе се самоубие откако полицијата се обидела да изврши претрес во неговиот стан. По упадот на полицијата во станот, Сaакашвили се качил на покривот на осумкатната зграда во која живеел и извикувал пароли против украинскиот претседател Петро Порошенко.

– Порошенко е крадец. Порошенко е измамник на украинскиот народ. Што и да ми се случи народе, ве повикувам да излезете на улиците и да продолжите со борбата. Не дозволувајте беззаконие и кражби од страна на Порошенко и неговата банда – извикувал Сaакашвили.

Михаил Сакашвили

Десетици негови приврзаници се собраа на протест во близина на зградата. При обидот за негов транспорт до Обвинителството, приврзаниците на Сaакашвили привремено го блокирале возилото по што тој повторно одржа говор против Порошенко.

По изборниот пораз во неговата родна Грузија, Сaакашвили ја продолжи политичката кариера во Украина, како поддржувач на властите кои се формираа по револуцијата Мајдан и Порошенко го именуваше за гувернер на областа Одеса.

Откако беше сменет од оваа функција, Сaакашвили формираше политичка партија Движење на новите сили, која викендов организираше протест против Порошенко. Се претпоставува дека обвинението против Сaакашвили е поврзано со организирањето на протестот.