Драмата во „Скопјанка“ открива и запоставување на деца?


Таткото на двете деца кои живеат во станот од каде се ширеше миризба која ги евакуираше станарите од првиот влез во трговскиот центар „Скопјанка“, излезе во јавност и ја обвини мајката на децата дека ги оставила и заминала да живее со друг човек и побара од институциите да и го одземат старателеството.

Досега имал доставено еден куп барања до Центарот за социјални работи од каде добивал, како што вели, бизарни одговори.

„Децата живеат со баба им бидејќи мајката ги има напуштено, шест месеци не е со нив, живее со друг човек, иако го има старетелството врз малолетниот син. Без никаков повод го оставила синот и си заминала, тоа се вика запоставување на малолетник од страна на старател. Го повикувам Јавниот обвинител по допрен глас да постапи по овој случај и да и го одземе старателството на госпоѓата. Досега имам доставено еден куп барања до Центарот за социјални работи и добивав бизарни одговори, тоа е хорор. Госпоѓата министерка за труд и социјала нека си поведе сметка во секторот, зашто таму, освен да трошат хартија не знаат и не сакаат да работат. Децата постојано ме лажеа, јас кога ќе ги прашав како е дома, ми викаа, се е во ред, се е супер , сега видов како е внатре, внатре е хаос. Ако јавниот обвинител не постапи јас ќе поднесам барање до судот за одземање на старателство“, изјави таткото на двете деца за ТВ 24.

Од Mинистерството за труд и социјална политика денеска излегоа со соопштение дека шеесет и петгодишната жена во чија сопственост бил станот, не била социјален случај, примала пензија. Во нивното соопштение до јавноста пишуваше дека во станот живеела само жената, додека во официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи пишуваше дека во станот живеела повозрасната жена, нејзината ќерка и двајцата внуци.

Во текот на целиот ден од Министерството за труд и социјална политика не соопштуваа никакви детали за овој случај, освен тоа дека се работи.

Драмата пред „Скопјанка“ синоќа заврши по шест часа по евакуацијата на станарите и откако градоначалникот Петре Шилегов ги повика сите служби. На крајот единицата на АРМ за атомска биолошка и хемиска одбрана откри дека непријатната миризба се ширела од станот 11, каде имало купишта пелени со измет и урина кои стоеле во станот од месец јануари, кога починала деведесетгодишната мајка на жената. Валканите пелени почнале да испуштаат амонијак кој предизвика дразнаење на грлото кај сите станари во влезот.(Ф.Ф.С.)