Доцни изградбата на новиот театар во Струмица


Спуштената завеса на старо-новиот театар во Струмица, со која е покриена надворешноста на објектот во изградба, асоцира на големата желба на актерите од Народниот театар „Антон Панов“ да се вратат на извориштето на театарската уметност во градот под Царевите Кули. Но, за нивна (не)среќа завесата никако да се крене. Стариот театар во осумдесеттите години на минатиот век бешe напуштен поради дотраеност, а во два пожари потоа објектот целосно беше уништен и долго време беше грдотија во центарот на градот.

Во септември 2014 година, во предвечерието на тогашните парламентарни избори, се чинеше дека иницијативата стара дваесет години за изградба на старо-новиот театар ќе почне конечно да се реализира. Тогашниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милеска, пратеници и пензионирани актери го означија почетокот на изградбата и обновата на стариот струмички театар со поставување камен темелник. Беше ветено дека инвестицијата од 3,6 милиони евра ќе се реализира во наредните 18 месеци.

Рокот за изградба пролонгиран на самиот почеток

Но, градежните работи заглавија на самиот почеток заради промената на основниот проект за изградба. Тој најпрвин предвидуваше да се гради врз остатоците од стариот театар, но по извршените испитувања, кои не ги задоволиле сеизмичките стандарди, се одлучило да се гради врз нови темели, со задржување на истата квадратура и габарит на објектот како некогашниот.

Тогаш надлежните завршувањето на изградбата и пуштањето во употреба на објектот на театарот го пролонгираа за септември 2016 година, а по техничкиот прием до крајот на 2016 година се планираше да се одигра и првата претстава.

Ветувања куп – реализација нула

Во една од обиколките и контролата на изградбата на театарот, екс министерката Канческа Милеска во јули 2016 година трите пролонгирани и нереализирани ветувања за завршување на изградбата ги оправда со тоа дека се работи за изградба на објект кој е регистриран како споменик на култрата.

– Стариот струмички театар се наоѓа во едно многу тесно место, во еден џеб што се вели, меѓу голем број на семејни куќи. Тука се наоѓа и детска градинка. Доста се работеше на санирање на двата големи ѕидови, а на почетокот на изработката на проектот се водеше сметка и за археолошките наоди кои беа пронајдени тука за да се заштитат, така што имаше многу потешкотии кои беа надминати. Кога се гради таков објект, посебно таков што е регистриран како споменик на културата, еден театар кој постоел и да се задржи стариот изглед и тоа се оправдани причини за доцнењето. Но, како и да е веќе можеме да го почувствуваме театарот и во првата половина на наредната година (2017 н.з.) ќе можеме да го отвориме, рече тогаш министерката за култура.

Во буџетот има пари за продолжување на изградбата

Изминативе месеци забележливо беше дека изградбата на театарот е во застој, а од надлежните доаѓаат ветувања дека работите ќе продолжат од средината на овој месец.

Во Министерството за култура велат дека продолжува изградбата на струмичкиот театар и дека моментно се работи во внатрешноста на објектот на делови од ентериерите. Додаваат дека и во буџетот за 2018 година се обезбедени пари за продолжување на изградбата.

– Во изградбата на театарот има три договорни страни. Едната е Националната установа „Завод и Музеј Струмица“, другата е изведувачот и третата е надзорот. Трите страни излегувале надвор од договорот и си правеле „времени ситуации на времени ситуации“ и ја искомплицирале работата меѓу себе. Ние ги седнавме заедно, бидејќи факт е дека се доцни со изградбата. Најважно е што има обезбедено пари во буџетот и се надеваме дека изградбата ќе продолжи со утврдената динамика, рече портпаролот на Министерството за култура, Петрит Сарачини.

Најново ветување – Изградбата ќе заврши во април 2019 година

Според директорката на Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева, застојот во изградбата на новиот театар се должи повеќе на банални и административни причини, отколку на нешто посериозно.

– Се случува на изведувачот да не му се јасни некои позиции околу изградбата, па го конслутираме проектантот кој е од Белград. Потоа, ги праќаме документите на Надзорот во Скопје за да се прегледаат и одобрат и да се вратат назад. Сето тоа има голем придонес во надминувањето на роковите за завршување на изградбата, вели Георгиева.

Таа додава дека тие како инситуција и министерството за култура не ја кочат изградбата, туку изведувачот и надзорот.

– Од една страна тоа можеби е лошо, но од друга страна се грижат за нашите интереси и објектот за да биде изграден како што е потребно, рече директорката на Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева.

Таа информира дека според најновиот динамички план изградбата треба да заврши до крајот на април 2019 година. Овој рок изведувачот го гарантирал и со банкарска гаранција, но од страна на Надзорот тоа се уште не било одобрено.

Инаку, во 1982 година била одиграна последната претстава во стариот театар. Ансамблот буквално се селел како патувачки театар, за во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, струмичките актери да добијат привремен покрив над главата.