ДОМ: Жената има право самостојно да одлучува дали, кога и колку деца ќе роди


На собраниската јавна расправа за Законот за прекинување на бременоста, претседателката на зелената партија ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин образложувајќи ја поддршката за Законот, истакна дека носењето на овој Закон  е значајно од два клучни аспекта.

„Првиот е почитување на правата на жените, како човекови права. Жената има право самостојно, според сопствената слободна волја, да одлучува дали, кога и колку деца сака да роди. Вториот се однесува на заштитата на здравјето на жените и затоа државата е должна да обезбеди пристап до легален и безбеден абортус“, рече Морачанин.

Таа апелираше да се сопре ширењето дезинформации и манипулирањето со јавноста во врска со предложениот закон. „Со Законот не се фаворизира абортусот, туку се пропишуваат условите и постапката за безбеден прекин на бременоста на жените кои донеле таква одлука и воопшто не ги засега жените кои сакаат да родат”-истакна Морачанин.

Во своето обраќање се осврна и на потребата од воведување на сеопфатно сексуално образование за младите да се стекнат со релевантни сознанија, во интерес на заштита на нивното здравје и унапредување на родовата еднаквост. Истовремено, од Министерството за здравство побара воведување на контрацептивни средства на позитивната листа на лекови, со цел овозможување ефикасно планирање на семејството.