Домашните правила и прописи под рендген во Брисел
Вкупно 43-члена македонска делегација отпатува во Брисел каде што почна скринингот за нашата земја и за Албанија, како вовед во почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој заедно со главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и министерката за правда Рената Дескоска, ја предводи нашата делегација, го нарече почетокот на скринингот историски момент, со оглед на тоа што Македонија влегува во последната фаза во процесот на подготовка за преговори.
Стартот на скринингот за Македонија и за Албанија, кои во јуни добија заедно одложен почеток на преговорите, го означи генералниот директор за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон. Пред делегациите на двете земји Даниелсон изјави дека ова е почеток на најинтензивниот ангажман во нашата долга врска.
– Нашите експерти ќе ја објаснат должината и длабочината на европското заедничко законодавство и правилата на ЕУ – појасни Даниелсон.
Согласно методологијата на ЕУ, скринингот почнува од поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, кое се смета за едно од клучните и најтешките, заедно со следното поглавје 24 – правда и безбедност.
Министерката Дескоска рече на состанокот дека почитувањето на човековите права, независното судство, владеењето на правото и демократијата не се само барања што треба да се исполнат при пристапувањето во ЕУ. Тие се, потенцира, исто така, стратегиски цели на Владата, што е потврдено и со владините планови за реформи.
– Нема да оставиме простор за сомневање во политичка волја за реформи, за борба против корупцијата и криминалот, за заштита на човековите права, за зајакнување на независноста на судството, за замена на владеењето на човекот со владеењето на правото – рече Дескоска.
Вицепремиерот ги истакна трите паралелни процеси што ќе ги менаџира Владата во рамките на евроинтегративните процеси.
– Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на договорите со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките од јунскиот совет и бескомпромисно ќе влезе во исполнување на обврските од скринингот подготвувајќи се со тоа за почеток на преговорите во јуни следната година.
Шефот на техничкиот преговарачки тим Маричиќ, рече дека Македонија е прва меѓу земјите на Западен Балкан што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, доби статус на кандидат во 2005 година, но чекаше 13 години за почнување на преговорите. Маричиќ посочи дека исклучителните напори и динамика вложени на внатрешен план преку итните реформски приоритети, но и на надворешен план преку надминување на билатералните спорови ги отстранија пречките на патот кон ЕУ.
Овие два дена македонскиот и албанскиот преговарачки тим ќе ги слушаат експертите од Европската комисија како им го образложуваат целокупното законодавство и најдобри практики во областа на правдата и фундаменталните права. Во следната година ќе се одржат уште 32 вакви состаноци за секое поглавје од преговарачкиот процес, кои вкупно се 33, или 160 илјади страници европски закони и правила што ќе мора да се преточат во домашното законодавство.
Тимовите ќе имаат уште седумдесет вакви состаноци. Мора да има заедничко разбирање за тоа што се правилата на ЕУ за да се подготвите за идното членство, изјави Даниелсон.
Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година, по што треба да почнат и преговорите за членство во ЕУ. За да можат да се вклучат сите што сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање регистар на надворешни експерти. Сепак, носители на овој процес ќе бидат администрацијата и институциите.
Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство со земјата кандидат. Како процес, тој има за цел, од една страна, да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите членки да го оценат степенот на подготвеност на земјата кандидат. Извештајот од скринингот содржи четири дела – објаснување на правото на ЕУ во поглавјето, резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидатка и процена на Комисијата, заклучоци и препораки на Комисијата, и во последниот дел Комисијата му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето и, доколку не, кои одредници да се постават.
Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година, а препораката за почеток на преговори ја доби првпат во 2009 година. Оттогаш, во секој годишен извештај на ЕК, Македонија добиваше препораки, но не и датум за почеток на преговорите. Со избувнувањето на политичката криза во земјава околу аферата со прислушувањето се влоши и статусот на Македонија во ЕУ, така што препораките во 2015 и во 2016 година беа условени со договорот од Пржино, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.
Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, а Европскиот совет на 26 јуни годинава ја поддржа одлуката за условно отворање на преговорите со Македонија. Се очекува Македонија и Албанија да добијат зелено светло за старт на преговорите во јуни 2019 година. Дали ќе се случи тоа за Македонија зависи, главно, од тоа дали ќе се спроведат до крај итните реформски приоритети и договорот за името. (А.М.М.)