Долгови, суспензија од УЕФА, молк: ФК Вардар во месец на „вера, љубов и надеж“


Молк од најодговорните во Вардар по одлуката на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во петокот за двегодишна суспензија на „црвено-црните“. Казната е условна и изречена е за прекршување на регулативите за лиценцирање и финансиски ферплеј, но, како и да е, ситуацијата е алармантна. „Пожарот“ што тлееше со месеци се шири на сите клупски нивоа и се заканува да проголта се.
Централата во Нион, сепак, остави простор за симнување на мерката. Вардаровото раководството на чело со Сергеј Самсоненко доби рок до 31 јануари да ги сервисира сите доспеани обврски заклучно до 30 септември во 2018 година плус да плати 100.000 евра. Во спротивно нема Европа во сезоните 2019/20 и 2020/21 доколку се дофати преку домашниот шампионат или националниот куп, санкција каква што доби и Победа во 2009 година меѓутоа за период од осум години.

Телефоните на Самсоненко и на Симев „глуви“

„Независен весник“ во текот на вчерашниот ден се обиде да стапи во контакт со сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко чиј телефон остана „глув“ и на вибер како и извршниот директор Самоил Симев. Преку наши извори дознаваме дека рускиот бизнисмен цел месец бил во Скопје, но не можеа да ни потврдат дали е сè уште во Македонија и заминал во странство за новогодишните и божикни празници. Она што ни е кажано дека состојбата во клубот не е нималку добра, неизвесноста е присутна во сите сектори, но, истовреме, е приситен и оптимизам дека ќе има средување на работите што ќе резултира со избегнување на казната.
Што друго преостанува освен живеење со „вера, њубов и надеж“ до крајот на јануари кога ќе биде позната интерноста кај „црвено-црните“, а со тоа и нивната европска судбина.

Ништо ново и на релација Вардар – Град Скопје

Изворите што „Независен весник“ ги контактира и кои инсистираа на анонимност, велат дека нема ништо ново и на релација Вардар – град Скопје. Најавите уште летоска беа дека Самсоненко ќе дигне раце од клубот и го враќа под капа на градската власт од која го презеде во 2014 година. Првично се шпекулираше дека тоа ќе се случи до почетокот на сезоната во август, потоа беше пролонгирано за септември, па октомври, па ноември и, конечно, до крај годината. Но, годината завршува за една недела, па наместо расплет, вардаровото семејство го дочека со дополнителен заплет по суспензијата од УЕФА. Пораките од градот и претходно беа „го земавте клубот без долгови, вратете го без долгови“. Наместо тоа, фудбалерите, стручниот штаб и тренерите во Академијата и натаму имаат финансиски побарувања за неколку неисплатени плати плус премиите за историскиот пласман во групната фаза во Лига Европа. Вкупниот долг се изразува во милиони не сметајќи ја казната од 100.000 евра кон Европската фудбалска асоцијација, а двете страни, се чини, никако да се најдат во бројките.

Никој досега не побарал документи, собирот на 8 јануари

Фудбалерите на Вардар моментно се распуштени поради паузата во домашното првенство. Враќањето на клупските обврски е најавено на 8 јануари и како стојат работите, засега, нема најави за побарување на документи и заминување од клубот. Последната разделба беше со Тигран Барсегјан, сите други се под договор и се очекуваат на првиот рапорт кај Александар Васоски доколку остане на кормилото. Тука се мисли и на домашниот кадар во ростерот и на странците како Украинецот Евгениј Новак, Камерунецот Кларенс Битанг за кои постоеја и сè уште постојат гласини дека за финансиската ситуација во која е западнат клубот можеби ќе побараат исписници и во зимскиот преоден рок ќе се преселат кај шампионот Шкендија. Извори за „Независен“ велат дека досега никој не изразил желба да замине и ростерот со кој се заврши есенската полусезона се очекува да продолжи и напролет засилени со еден до двајца од бразилската колонија во Македонија Ѓорче Петров.
Во редот на неизвесности и локацијата на подготовки. Вардарви во изминатите години се селеа во Анталија во јануари каде тренираа, пробуваа фудбалери и играа пријателски натпревари. Турската дестинација е меѓу опциите за подготовки и овојпат, но нема потврда дали ќе дојде до реализација и од кога до кога би било тоа.

Сашко Ѓ. Димовски