Долгата коса е заштитен знак на министерот за култура Роберт Алаѓозовски: Уживам кога ми ја плетат


Актуелниот министер за култура Роберт Алаѓозовски (44), освен со ставовите, во јавноста предизвикува внимание и со својата фризура – суканиците кои ги носи собрани во опашка. Добро познат на македонската алтернативна сцена, негува и необичен изглед. Нѝ откри дека планира да ја чува долгата коса, ваква каква што е, сѐ додека е тоа возможно.

Роден е во Струмица, оженет е и татко на две деца. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подготвува и докторска теза од областа на културниот менаџмент на Економскиот факултет при УКИМ.

Колку години фризурата е ваш заштитен знак?

– Оваа фризура, односно суканиците ги направив во март 2002 година, пред повеќе од 15 години. Претходно, повеќе месеци ја растев косата за да има доволна должина за сукање.

Што ви беше мотивот?

– Мотив секако беше мојот зголемен интерес за растафаријанската култура и музика, нејзиниот слободарски дух и пораките за мир и еднаквост помеѓу луѓето што таа ги шири. Ги направив во домот на двајцата браќа, познати скопски мајстори за суканици.

Одите на фризер или сами ја одржувате фризурата?

– Негувањето на суканиците не е лесно, и за тоа треба малку повеќе време, но тоа не ми пречи, напротив. Плетењето на расплетените прамени е ритуал во кој уживам. Секоја средба со мајсторите за суканици, сега веќе мои добри пријатели, претставува уживање полно со интересни муабети и дружба. Порано се среќававме на два-три месеци, а сега ја средувам косата малку почесто.

Како реагираат најблиските, јавноста и сега, како министер?

– Од најблиските секогаш сум имал поддршка, иако секогаш ќе се најде некој од повозрасните одвреме-навреме да забележи на должината и изгледот на косата. Јавноста главно го прифаќа мојот стил со симпатии, иако се разбира има и луѓе кои што критикуваат и не им се допаѓа мојата фризура. Тоа е нормално, не можеме сите да имаме ист вкус и сфаќања.

Дали порано сте имале кратка фризура?

– Многу одамна, пред да ги направам суканиците, еден период носев и кратка коса. Пред тоа, долго време носев долга коса.

Какви препарати за нега употребувате?

– Преку пријатели, роднини или за време на моите патувања во странство, набавувам специјални шампони и средства за одржување кои ги нема кај нас.

Дали фризурата го следи и вашиот стил на живеење?

– Растафаријанството е култура која промовира мир, еднаквост и љубов помеѓу луѓето. Во таа смисла, секогаш се трудам овие вредности да ги вградам во моето размислување и постапки. Мислам дека овие вредности треба да бидат повеќе застапени во нашето општество.

Ако облеката кажува за човекот, дали истото го кажува и фризурата кај мажите?

– Поборник сум на старата максима дека облеката или физичкиот изглед не се пресудни за да определиме за каков човек станува збор. Секако дека од изгледот и фризурата можеме да дознаеме некои работи за ставовите, верувањата, навиките на луѓето, но, да не заборавиме и една друга поговорка, дека изгледот честопати знае и да излаже.

Дали во вашиот случај фризурата пренесува некаква порака или тоа е лично чувство?

– Пораката што јас би сакал да ја пренесува е онаа за богатството на различностите и за прифаќање на луѓето онакви какви што се. Сите ние имаме лични ставови, вкусови, преференции, а важно е да создадеме општество во кое сите тие различности ќе се почитуваат и уважуваат.

Какви се вашите планови за понатаму околу фризурата?

– Засега, не планирам да менувам ништо. Косата е дел од мене, работите што ги чувствувам и во кои верувам, и планирам да ја чувам фризурата ваква каква што е, сѐ додека е тоа возможно.

Лејла Сабит