Документарен филм за двојните цркви во Кумановско


Документарен етнолошки филм „Двојните цркви во Кумановско“ од Валентина Андреиќ, кустос од Кумановскиот музеј, вчера беше промовиран во Занаетчискиот дом во Куманово.

Филмот го презентира културното наследство и е резултат на долгогодишно истражување на авторката. Прикажани се црквите „Свети Спас“ во Дозвезнце, „Света Петка“ во Младо Нагоричане, „Света Параскева“ во Мургаш, „Света Петка“ во Пезово и двојната црква во Сув Орах, посветена на св. Никола и св. Ѓорѓи.

Историчарот на уметноста Славица Крстиќ истакна дека филмот ги документира овие цркви од поствизантискиот период, градени од 16. и 17 век, што е особено значајно, бидејќи, како што појасни, вакви цркви се многу ретки во Македонија.

-Најмногу се застапени во Кумановско, во некогашното средновековно Жеглигово, во околината на локалитетот Костоперска Карпа, рече промоторката Крстиќ.

Авторката Андреиќ рече дека црквите се градени во османлискиот период. Надворешно се мали и едноставни, се карактеризираат по полукружни аркадни премини, внатре се забележува фрескосликраство од познатите македонски зографи.

-Она што ги карактеризира како двојни цркви е нивната внатрешна композиција, поделеноста по два надолжни дела, со два иконостаса или, како црквата во Сув Орах, посветена на двајца светители со два олтара, рече Андреиќ.

Во филмот е прикажан делумно зачуваниот фрескоживопис и иконостатсите. Овој филм доби награда на 26. Меѓународен фестивал „Камера 300“ во Битола.