Дознаките од странство во Хрватска меч со две страни: Милијарди за пропаст


Хрватските гастарбајтери лани во својата татковина испратиле рекордни 2,12 милијарди евра. Иако не изгледа така, ова во никој случај не е добра вест. Како и во некогашна Југославија, тие се повеќе ги издржуваат или потпомагаат своите семејства со огромни средства. Само во 2016 година средствата што преку сметки ги испратиле во Хрватска се зголемиле за 120 милиони евра и се приближуваат до сума од 2,15 милијарди евра.Тоа е многу поголема сума од странските вложувања во Хрватска во 2016 година, кои изнесуваа 1,7 милијарда евра. Ова се само податоците што се добиени од статистиката. На тоа може да се додаде дека хрватската влада уште пред две години проценила дека иселениците во Хрватска носат околу 1,1 милијарда евра во готовина, плус трошоците што ги имаат при доаѓањето во родниот крај, кои всушност не може да се пресметаат.

Количеството пари не е изненадување кога ќе се потсетиме на податокот дека иселувањето сѐ повеќе се забрзува. Со 13.000 службено иселени во 2011 година, по влегувањето во ЕУ бројката достигна повеќе од 39.000 иселени, според службените податоци на Државниот завод за статистика, додека вистинската бројка е близу 80.000. Меѓутоа, постои голема разлика помеѓу Хрватска и поранешна Југославија.

За Југославија економската миграција беше добра вест. Земјата имаше вишок работна сила и така ја намалуваше невработеноста, емигрантите праќаа големи количини пари во девизи кои на поранешната држава ѝ беа потребни. Според податоците од извештајот на Светската банка за глобалниот развој од 1981 година, во 1978 количината на пари што ја испраќале иселениците во Југославија преминала 51 процент од вредноста на извозот на југословенската индустрија. Денес, средствата од гастарбајтерите покриваат 15 отсто од хрватскиот извоз, но земјата забрзано губи работна сила. Притоа, мажите водат со  иселувањето, иако сѐ повеќе иселеници заминуваат со семејствата или започнуваат семејство во странство, така што не ја планираат својата иднина во Хрватска. Минатата година во Хрватска се родени најмалку деца во последните 100 години, односно вкупно 36.647 бебиња. Сето ова води кон пропаст, предупредува професорката Маријана Иванов од Економскиот факултет во Загреб.

Долгорочно ефектот од дознаките е негативен, иако на краток и среден рок има позитивен ефект на БДП и животниот стандард на дел од населението. Растот на БДП е значително понизок, а размерот на сиромаштијата е значително повисок. Хрватска би била во дефицит доколку нема приватни средства од странство.

„Наспроти позитивните ефекти од приливот на девизи од странство, кои заедно со приходите од туризмот овозможуваат краткорочно и среднорочно преживување, иселувањето на населението долгорочно влијае на намалувањето на потенцијалната стапка на раст на БДП, при што нема нови инвестиции, се намалува вкупната продуктивност, демографската слика од година во година е сѐ полоша, а пензиските и здравствените фондови се пред колапс. Притоа нови продуктивни вложувања нема ни да има ако домашниот пазар постојано паѓа – со намалувањето на бројот на жители кои живеат, трошат и работат во земјата“, вели професор Иванов.

„Долгорочно, ова е пат кон пропаст, или во најдобар случај долгорочна стагнација без перспектива дека ситуацијата ќе се подобри во блиска иднина. Држава не се прави со мртов капитал од недвижнини, сезонско пополнети хотели, ниту полуискористени производни капацитети. Државата ја прават луѓето! А земјата останува без нив, додека не се вложува доволно во оние што сѐ уште се во Хрватска.  Хрватска не развива ни програми за привлекување странци од други сиромашни држави за живеење и работа во Хрватска, како другите земји со слични неповолни демографски трендови.

Воедно, сметките на семејствата од странство   демотивираат дел од населението да стане активен соучесник на хрватскиот пазар на работна сила.Исто така, постојат голем број други негативни ефекти. Државата во секој поединец инвестира значителни средства за образование и здравствена заштита и нема враќање на инвестицијата ако лицето не работи или ја напушти земјата. Лицата на привремена работа во странство често користат здравствена заштита или други услуги финансирани од хрватската држава. Ова е дополнителен товар за хрватските јавни финансии, а најголем проблем е тоа што товарот на даноците и придонесите за финансирање на социјалната држава и јавната инфраструктура се префрла на помал број вработени лица во Хрватска.
И другите земји од поранешна Југославија се во слична ситуација. Според податоците на Еуростат за 2016 година, дознаките од странство во Хрватска изнесувале 4,3 отсто од БДП , дознаките од емигрантите во Србија изнесуваа 8,4 отсто од БДП на Србија, 9,9 отсто од БДП на Црна Гора и дури 14,7 отсто од БДП на Косово. Околу 1,7 милион луѓе родени во БиХ, кои сега живеат во 51 земја низ светот, испратиле дознаки во висина од 10,9 отсто од БДП во 2016 година, а во првите девет месеци од 2017 година тие се зголемиле за осум отсто.И тоа се само средствата што поминале преку сметка, готовината не може да се изброи.

Иако податоците за Хрватска, во споредба источното опкружување звучат дури и добро, Хрватска заедно со Латвија е најзависна од  финансиските средства од иселениците од сите земји членки на ЕУ. На пример, средствата од емигранти од Словенија изнесуваат само 2,4 отсто од БДП на земјата, а просекот на ЕУ изнесува 0,7 отсто. А, со овие земји Хрватска мора да се споредува. (Дојче Веле)