Дозволата за линијата Скопје – Солун одземена пред три години


На превозникот АД Македонија Сообраќај, поради нередовно одржување на возната линија Скопје-Солун и непочитување на Одредбите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај, уште пред повеќе од три години со решение од 10.11.2014 година му е одземена дозволата за превоз на патници на таа линија, а по две жалбени постапки од компанијата решението е потврдено и на 12.08.2016 година, информира Министерството за транспорт и врски.

Оттаму порачуваат дека во период на водење на жалбената постапка, важноста на дозволата била продолжувана бидејќи решението за одземање на дозволата не било правосилно, а дозволите важеле до 31.01.2017 година. По тоа превозникот АД Македонија Сообраќај не аплицирал за нова дозвола.

– Во овој момент тече жалбената постапка пред Управниот суд и се додека се води управната постапка Министерството за транспорт и врски согласно законските прописи не може да преземе дејства. Партнер фирмата од Грција редовно ја одржува линијата Скопје-Солун, а аплицираше и за продолжување на важност на дозволата и ги има исполнето сите законски услови за тоа, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Министерството, нагласуваат, одлуките ги носи исклучиво врз основа на важечките законски прописи во Република Македонија и тие важат поддеднакво за сите превозници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај.

– Министерството за транспорт и врски ги презема сите активности за редовно одржување на меѓународниот сообраќај, а воедно ги охрабрува сите заинтересирани компании да се пријават на претстојниот повик за распределба на автобуските линии во внатрешниот и меѓународниот сообраќај, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни сообраќајни услуги за граѓаните, посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Информацијата доаѓа откако некои медиуми објавија дека АД Македонија Сообраќај одлучи времено да ја прекине линијата Скопје – Солун, а тоа го направил и нивниот грчки партнер.