Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019. Традиционално и годинава беа доделени 20 стипендии за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ во Солун.

– Студирајќи, тие градат и лични односи со своите грчки колеги со кои комуницираат без посредство на политичките елити и искривените медиумски перцепции. Со ваквите проекти создаваме нова генерација млади кои нема да бидат оптоварени со предрасудите од минатото. Генерации кои ќе стекнуваат меѓусебна доверба преку меѓусебно почитување и прифаќање, рече претседателот Иванов.

Оваа иницијатива преку која Грција инвестира во младите луѓе од Македонија, посочи македонскиот претседател, е позитивен пример за соработка и градење доверба меѓу македонското и грчкото општество, наспроти потпишаната меѓувладина Спогодба која е асиметрична и со која се негира нашето човечко достоинство.

– Ако единствениот начин да се задоволат барањата на официјална Атина е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба и без општествен капитал, истакна македонскиот претседател.

Грчкото и македонското општество, додаде Иванов, треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат.

– За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо сомнеж, рече Иванов.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми им честиташе на стипендистите и им посака успешни магистерски студии.

– На сите стипендисти им посакувам со среќа и со успех да ги завршат студиите во предвидениот рок и да стекнат што повеќе знаења, да ги надградат своите работни и лидерски способности и вештини кои ќе им бидат од лична полза, но и од корист на организациите каде се вработени или имаат намера да бидат ангажирани. Секако дека ова е и од полза за нашиот севкупен државен просперитет, рече министерот Адеми.

Директорот на програмата за магистерски студии по бизнис администрација при „Сити Колеџот“ од Солун, Џорџ Ефстатиадис порача дека програмата овозможува балансиран поглед на меѓународните перспективи, како и шанса за комбинирање на теоријата со праксата.

– Ќе се стекнете со поголемо искуство во учењето, со можност да студирате и да се поврзете со своите врсници од 25 други земји, рече Ефстатиадис

Стипендиите ги обезбедија Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот Шефилд, а покровител на нивното доделување е Претседателот на Република Македонија. Досега над 200 стипендисти од 12 генерации имале можност да студираат на престижниот Сити Колеџ во Солун.