Доделени наградите „Претприемач на годината“


Сојузот на стопански комори (ССК), Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), заедно со Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење (НЦРИПУ) денеска ги доделија наградите за најуспешните претприемачи од микро и мали претпријатија за 2017 година.

За најуспешен претприемач на микро претпријатие, на традиционалната манифестација „Претприемач на годината“ што се одржува под покровителство на Министерството за економија, е прогласен Жарко Димитриоски од Маркетинг агенцијата „Еден на еден“ од Скопје, а најдобар кај малите претпријатија е Бардул Шабани од „Линк шпед“ од Тетово. Второто место во категоријата микро претпријатија му припадна на Борче Николов од „Аерус“ од Пробиштип, а второнаграден кај малите претпријатија е Томи Запров од „Силотер“ од Струмица.

– Голем е бројот на оние што заслужуваат да бидат наградени на традиционалната манифестација поради нивната храборост за преземење ризик во вакво кризни време, нивната иницијативност, способност за планирање и менаџерски способности за реализација на поставените бизнис цели, рече министерот за економија Крешник Бектеши на доделувањето на наградите.

Тој посочи дека малите и микро претпријатија имаат голема улога во генерирањето на економски раст и креирањето на работни места и додаде дека тоа е препознаено и признато и во ЕУ Стратегијата за раст 2020 каде како посебна иницијатива се издвојува поддршката за ваквите претпријатија и претпримеништвото во целина.

– Министерството за економија годинава финансиски поддржа 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондови, здруженија на граѓани и занаетчиски комори. Со мерките за поддршка и развој на претпријатијата и претприемништвото во Македонија ќе продолжиме и следната година, истакна Бектеши.

Извршната директорка на МРФП Татјана Лазаревска порача дека воопшто не бил лесен изборот на најдобар од вкупно 57. претпријатија кои биле оценувани од кои 40 мали и 17 микро.

– Овие прептпријатија остварија приход од над 50 милиони евра или за 20 милиони евра повеќе од минатата година и во текот на годинава вкупно инвестираа седум милиони евра и вработија 400 лица. Во нив во моментов работат над 1.100 лица, рече Лазаревска. Таа нагласи дека охрабруваат последните анкети направени во Македонија кои покажуваат дека секое трето анкетирано лице има амбиции да отвори свој бизнис во наредните шест месеци, при што почетокот го темели на можност, а не на нужност.

Претседателката на ССК Данела Арсовска рече дека нејзините досегашни искуства покажуваат оти Македонија е земја на паметни луѓе и на добри идеи.

– Токму вие добитниците на наградите за најуспешни прептриемачи сте доказ дека тоа е така, порача Арсовска.

Претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа истакна дека младите лица во земјава се соочуваат со административни и професионални бариери при регистирањето на компании.

– Тоа резултира со помал број барања за отворање биниси. Затоа треба да се промени перцепцијата дека бизнисот е тежок и проблематичен, рече Хоџа.