Договорот со Грција е влезот во НАТО, протоколот за членство во јануари 2019 година


Во текот на пристапните разговори, Република Македонија ќе треба да потврди дека целосно ги прифаќа одредбите од основачкиот договор на НАТО и сите политички и правни стандарди на Алијансата, и да потврди дека го прифаќа процесот на одбранбено планирање на НАТО и врската со воените структури, соопштија од Владата на РМ појаснуваќи ги условите кои Македонија треба да ги исполни во наредниод период.
– Република Македонија ќе треба да декларира посветеност и спремност дека ќе се придржува на политичките стандарди на НАТО, на одбранбените и воени прашања, дека ќе одвои доволно средства за имплементација на сите обврски, дека целосно ќе учествува во структурите на Алијансата и други прашања поврзани со безбедноста. Ќе треба да изрази спремност дека ќе пристапи кон сите формални договори кои се дел од корпусот на меѓународни договори, протоколи и правила на НАТО, се вели во соопштението на Владата.
Појаснуваат дека паралелно со пристапните разговори, Македонија треба да изработи програма за продолжување на реформите.
– Програмата треба да даде рамка за продолжување на домашните реформи, на пример владеење на право, независност на судство, борба против корупција и организиран криминал, реформите во службите за безбедност и разузнавање, како и целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и целосна имплементација на договорот со Грција, велат од Владата.
Условот за членство ги опфаќа и прашањата поврзани со модернизација, реструктуирање, капацитети и интероператибилност на АРМ со воените структури на НАТО, а треба да има и дел за создавање на правила и буџетска регулатива за да може Македонија целосно да ги исполнува обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, како и соодветни реформи и прилагодувања на безбедносните стандарди на Алијансата.
Од Владата информираат дека во јануари 2019 ќе биде потпишан протоколот за членство во НАТО и нашата држава ќе почне да учествува во НАТО структурите – но без право на глас. По потпишувањето на протоколот за членство започнува ратификацијата во сите 29 парламенти на државите членки на НАТО, согласно нивните домашни процедури. Ратификацијата трае околу една година, по што ќе станеме полноправна членка на НАТО. Ова е истата стандардна процедура за зачленување во НАТО што ја поминале сите земји членки до сега.
-Со македонско-грчкиот договор го искачуваме најважното скалило за членство во НАТО, во јануари 2019 ќе биде потпишан протоколот за членство во Алијансата. Со тоа ќе се реализира нашата стратешка цел. НАТО е најсилна гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и зачувување на територијалниот интегритет. Членството во НАТО воедно е важен предуслов за економски развој, странски инвестиции и просперитет, се наведува во соопштението на Владата.
На НАТО самитот одржан на 12 јули 2018 година во Брисел, на Република Македонија ѝ беше упатена покана за членство во НАТО. Од втората половина на 2018 започнуваат пристапни разговори меѓу Република Македонија и НАТО, редовна постапка која се спроведуваше за сите земји членки.