Договорот за пријателство е пресвртна точка за односите меѓу Македонија и Бугарија


Договорот за пријателство, добрососедство и соработка претставува пресвртна точка во односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија, изјави шефот на бугарската држава Румен Радев по средбата во Скопје со премиерот Зоран Заев.

Тој упати благодарност до премиерот Заев и претседателот Ѓорге Иванов, за како што рече, нивната храброст, визионерството и граѓанскиот став, бидејќи ја направија можна оваа перспектива за пријателство во нашите односи за што Бугарија од секогаш била отворена.

– Посебно сакам да му заблагодарам на премиерот Заев затоа што со негова храброст Договорот за добрососедство, пријателство и соработка по долги години очекување, беше потпишан. Таа позиција даде охрабрување дека приоритетите за Западен Балкан може да бидат реалност, рече Радев.

Договорот за пријателство меѓу двете земји, според македонскиот премиер, веќе ги дава првите резултати, а посетата се случува во време кога Бугарија претседава со Европската унија, и која му дава големо значење на проширувањето со земјите од Западен Балкан.

– Денес сакам да споделам голема радост што Договорот за пријателство помеѓу нашите две земји веќе ги носи убавите резултати. Секој министер од Владата на РМ беше веќе во посета на Бугарија. Овде се воспоставија секаков вид договори за соработка, рече премиерот.

Почната е изработката на, како што кажа, техничката документација за гасоводната мрежа Петрич-Струмица, зголемен е капацитетот на преносот на енергијата од Бугарија кон Македонија, а веќе се зборуваше за патната инфраструктура на новиот граничен премин Клепало.

– Истовремено потпишани се многу договори. Очекуваме во март-април да паднат цените во роамингот помеѓу двете земји. Ги користиме лабораториите на Бугарија, споделуваме искуства и во министерствата за одбрана со свои обуки и центри кои што ги даваат на нашата армија и на полицијата. Но, она што е најзначајно е што обемот на трговијата веќе е зголемен за десет до 12 проценти. Имаме заеднички музички групи, заеднички театарски претстави, оцени премиерот Зоран Заев.

Бугарскиот претседател Радев кој е во официјална посета на Република Македонија веќе се сретна со неговиот домаќин, шефот на македонската држава Ѓорге Иванов. Двајцата државници утре ќе имаат средба со претставници на стопанските комори на двете земји.

Во Македонија Радев е во придружба на пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан. Како што е познато Македонската православна црква – Охридска архиепископија побара БПЦ да и стане Црква-мајка.