Ди Франческо ја предупреди Барса: Можеме да ги победиме сите!


Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо, пред натпреварот со Барселона во четвртфиналето на Лигата на шампионите, изјави дека неговиот тим е способен да ги победи сите.

„Волците“ во среда од 20:45 часот излегуваат на „Камп Ноу“ со надеж да извлечат позитивен резултат.

– Секогаш сакам мојот тим да игра со идентитет. Нашата идеја е да ја убиеме противничката игра. Важно е како ќе се поставиме. Треба да сакате да доминирате. Против Барселона треба да покажеме се што можеме. Ако играме како што можеме, можеме да ги победиме сите, вели Ди Франческо.

Тренерот на тимот од Рим додаде дека е неверојатно дека учествуваат во четвртфиналето на Лигата на шампионите и дека се среќни дека постигнале нешто, што екипата од „Вечниот град“ не го постигнала долго време.

– Ќе играме со потребната почит, бидејќи знаеме колку е силен тимот во Барселона. Стравот нема да ни помогне, заклучи тренерот на „волците“ пред „Рома ТВ“.