Дисфункционално семејство ја крена на нозе и армијата


Пелените и изметот, кои беа откриени во станот 11 во првиот влез на трговскиот центар „Скопјанка“ и кои ги евакуираа станарите што живеат таму, потврдија дека дисфункционално семејство може да ја крене на нозе цела населба, градските органи, социјалните служби, па дури и посебната единица во Армијата, која испитува присуство на токсини во одредена воена состојба.

Во овој стан пред неколку месеци живееле четири генерации, деведесетгодишна баба која починала во јануари, нејзината шеесет петгодишна ќерка, нејзината четириесет и четиригодишна ќерка и двајцата внуци.

Сепак, не е утврдено дали ќерката на шеесет и петгодишната жена живее постојано со нејзината мајка или повремено доаѓа кај неа. Купиштата пелени со измет и урина кои ослободувале амонијак биле од старата жена која починала и најверојатно во станот биле со месеци.

Таму живеат двајцата внуци кои не можат да се справат со својата болна баба, која страда од канцер и не сака да се оди да се лекува. Додека беа евакуирани станарите, надвор пред влезот стоеше и жената во чија сопственост е станот, како и еден од нејзините внуци.

Тој побара помош од институциите да го решат нивниот случај.

Меѓуопштинскиот центар за социјална заштита утврдил дека жената не била социјален случај, земала пензија и имала стан на нејзино име. Вчера тим од центарот за социјална работ разговараше со шеесет и петгодишната жена и нејзината ќерка која има обврска да се грижи за неа и утврдуваше како пелените толку време се чувале во станот.

Главен во завчерашната акција беше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој вели дека иако Градот нема многу законски надлежности за овој случај, не можел да биде нем сведок, па затоа ги повикал сите надлежни институции за да утврдат што ја предизвикува непријатната миризба во влезот и граѓаните безбедно да се вратат дома.

Вечерта жената одбила да биде згрижена, па Шилегов очекува третманот на семејството да продолжи бидејќи, според него, очигледно им треба социјална заштита.

Од Министерството за труд и социјална политика вчера освен што соопштија дека жената не е социјален случај, не дадоа никакви информации како ќе биде решен овој случај.
Завчера десетици граѓани излегоа пред влезот не можејќи да ја поднесат непријатната миризба што се ширела во влезот и им го дразнела грлото и ги терала на кашлање.

Повикале противпожарна помош, сите служби се појавија пред „Скопјанка“, а на крајот изворот на миризбата ја откри Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Единицата била повикана во девет часот, а стигнала дури во 23 часот, а станарите влегле во своите домови во два часот.

Припадниците со соодветна опрема и гас маски влегле во влезот и во самиот влез измериле присуство на амонијак, но како што се приближувале во станот и во него измериле енормна количина амонијак. Освен со гас-маски, внатре не можело да се влезе бидејќи миризбата била неподнослива.

Шилегов вели дека амонијакот е гас кој може да биде сериозно штетен и вели дека имало и смртни случаи кога луѓе паѓале во шахти и во септички јами.

Во влезот во подрумите живеел и бездомник, кој чувал десетици шишиња со урина. Овој случај не е единствен, вакви семејства што не ја одржуваат хигиената има многу, но службите тешко може да реагираат ако не се работи за социјален случај и ако нема некое кривично дело.