Дискотеките ќе се урнат, доколку продолжи изградбата на луна-паркот


„Летните дискотеки во парк ќе се урнат, доколку продолжи изградбата на луна-паркот“, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на советничко прашање на седницата на Советот на Град Скопје.

Шилегов појасни дека Град Скопје ќе биде приморан да ги урне ноќните клубови, имајќи во предвид дека на локациите на кои тие сега се наоѓаат, предвидена е изградба на дел од новиот луна-парк. Така предвидувал проектот, кој, како што истакна Шилегов, го наследил од претходната градска власт.

Сепак, неизвесно е дали тоа ќе се оствари, имајќи во предвид дека сегашниот градоначалник неодамна истакна оти проектот за луна-паркот е ставен во мирување. Наскоро, ќе треба да одлучи дали ќе продолжи со изградбата или пак ќе бара стратешки партнер за новиот забавен парк.

„Доколку се продолжи со изградба на луна-паркот, дискотеки ќе бидат урнати. Каде ќе бидат преместени, тоа не е наша одлука. Немаме некој определени ингеренции во овој случај. Пред се, најголем дел од критериумите за функционирање на овие дискотеки ги определува Министерството за економија“, појасни градоначалникот, одговарајќи му на советникот Лука Кржаловски од ВМРО-ДПМНЕ. (Д.Т.Д.)