Директен судир на два воза во Чешка: Повредени 21 патник


Во директен судир на два воза утрово во близина на главната железничка станица во Брно, во јужниот дел на Чешка, повредено е 21 лице, соопшти Противпожарната служба за спасување.

Брзата помош пренела в болница 13 патници, а 250 лица од двата воза биле евакуирани.

– Спасувачките екипи згрижија 21 пациент, а 13 од нив мораа да бидат хоспитализирани. За среќа, станува збор за мали и средно тешки повреди, изјави портпаролката на пожарникарите Миахела Ботова.

Два локални патнички воза, при мала брзина, се судрија директно, околу 15 метри од перонот на главната железничка станица.

– Машиновозачот го промашил сигналот и тргнал на колосек на кој воопшто не требал да биде. Засега не ја знаеме причината, изјави портпаролот на Железничката инспекција Мартин Драпал.