Дипломатски спринт за името: На повидок решение за спорот
Се наѕира финале на разговорите меѓу Македонија и Грција за надминување на проблемот со името. Очекувањата во владини кругови во Скопје се дека процесот, кој се интензивираше во последните неколку месеци, ќе финишира со договор. Клучен момент за тоа е претстојниот разговор меѓу премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, од кој, според висок функционер во македонската Влада, зависи конечниот исход на оваа фаза од преговорите. Очекуваното решение, пак, не е исклучено да претставува своевидно изненадување, со оглед на шпекулациите дека повторно станува збор за име поврзано со Крушево.
Двајцата премиери, според информациите, ќе разговараат кон средината на оваа недела и тогаш ќе се знае дали ќе има решение пред состанокот на Европскиот совет, кој ќе заседава кон крајот на јуни. Или, пак, и оваа фаза од преговорите со Грција ќе заврши без решение.
Очекувањата на македонската Влада, според изјавата за „Независен весник“ на висок владин функционер, се дека ќе има договор за надминување на долгогодишниот спор и дека со тоа ќе се отвори патот за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Според нашиот соговорник, македонската Влада е подготвена да носи одлуки во насока на скоро надминување на проблемот со името, затоа што, како што наведува, само тоа ја гарантира иднината на државата. Секако, како што наведува нашиот соговорник, следува референдум на кој и граѓаните ќе добијат можност да се определат.
Вчерашните случувања во Брисел, каде што престојуваа министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, ги разгореа повторно очекувањата дека решението за името е на повидок. По долгите разговори ноќта меѓу неделата и понеделникот, шефовите на дипломатиите, како што беше соопштено, договориле рамка за компромис за името.
„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов во Атина работат правни тимови од двете министерства. Се планира важен разговор на премиерско ниво – Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, при што се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра. Мислам дека тоа треба да го оставиме на премиерите. Видовме колку комуникациите околу процесот влијаат врз него, го имаме веќе тоа искуство и да му дадеме шанса на процесот“, изјави Димитров за МИА.
Во тој дух е изјавата на грчкиот министер Коѕиас. Според него, министрите за надворешни работи завршија со нивниот дел од работата, така што преговорите продолжуваат на експертско ниво, а кога ќе завршат и тие, текстовите подготвени од министрите ќе бидат во рацете на премиерите за конечен договор.
„Двајцата министри за надворешни работи го завршивме она што го презедовме од премиерите на двете земји. Денеска и веројатно утре ќе продолжат преговорите на експертско ниво. Она што треба да се реши се техничко-правните прашања. Веднаш штом завршат и тие и штом ќе бидат разјаснети техничките и правните прашања, текстовите подготвени на ниво на министри за надворешни работи ќе им бидат дадени на двајцата премиери, кои ќе разговараат и ќе постигнат конечен договор“, вели шефот на грчката дипломатија.
Според владини извори, во овие критични денови за преговорите, по последната средба Заев – Ципрас во Софија, кабинетите на двајцата премиери се во постојана координација. Комуникацијата, според информациите, се одвивала преку двајца советници од доверба на Заев и на Ципрас. Одлучувачкиот разговор меѓу двајцата премиери, пак, се очекува да се реализира по телефонски пат, а ако има потреба, не се исклучува и средба.
Иако македонскиот министер Димитров спомнува „опции“ кои се во игра, а за кои треба да пресечат Заев и Ципрас, засега нема информации дали рамката договорена во Брисел ја содржи во себе формулата ерга омнес на која инсистира Грција, а која за македонската страна досега беше прифатлива единствено за предлогот „Република Илинденска Македонија“. Но, со оглед на информациите дека таа опција не е веќе во игра, најновите шпекулации, кои ги изнесе грчки „Катимерини“, се дека новиот предлог е поврзан исто така со Крушево.
Според „Катимерини“, покрај четирите предлози на медијаторот Метју Нимиц, се наоѓа уште едно име, кое се уште не е објавено во јавноста, а се поврзува со Крушево и илинденскиот период.
Грчкиот весник вели дека новото име ќе го рефлектира словенското потекло на земјата отфрлајќи поврзаност со антиката. Според „Катимерини“, македонската страна ги одбила предлозите „Горна Македонија“ и „Нова Македонија“ како ерга омнес.
„Катимерини“ смета дека во секој случај двете страни се во дипломатски спринт, што се очекува да биде засилен во пресрет на самитот на Европскиот совет на 28 јуни.
Во пресрет на Европскиот совет, министерот Димитров, за време на престојот во Брисел, вчера имаше неформален појадок со министри за надворешни работи на ЕУ или нивни заменици. Притоа, Франција и Холандија, како иницијатори на неодамнешниот нон-пејпер, биле најтврди во однос на почетокот на преговори. Но Димитров смета дека се можни чуда.
„Внатрешната консолидација на ЕУ е комплементарна, а не спротивна на консолидацијата на Балканот. Доколку се случи овој историски пробив, тоа ќе биде шанса за успех и за цела Европа. Не сме во ситуација да си дозволиме луксуз да пропуштаме историски шанси“, изјави Димитров.
Македонскиот министер разговараше во Брисел и со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, која излезе со изјава за поддршка на процесот за наоѓање решение за името.
„Сите сме многу охрабрени од напредокот меѓу Скопје и Атина за името, сите ќе работиме да поддржиме и придружиме позитивен исход“, изјави Могерини.
Во грчките медиуми, покрај веста за новиот предлог за името, се појави и информација дека премиерите Заев и Ципрас најмалку еднаш, а можеби и двапати, разговарале телефонски во периодот откако ги известија политичките сили во двете земји пред една седмица за текот на преговорите. Темата на разговорите, како што е објавено, била имплементацијата на ерга омнес за име од пакетот предлози на медијаторот Нимиц. (А.М.М.)