Димовски и Мемеди „влегоа“ во НАТО: „Да се забрза ратификацијата на Протоколот за членство“


Делегација на македонскиот парламент, предводена од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ,  како шеф на собраниската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, денес присуствуваше на состанок на Северноатланскиот совет. Во делегацијата е и потпретседателот на Собранието Весел Мемеди од НДП.

Со денешниот состанок на Северноатланскиот совет претседавал генералниот секретар на НАТО  Јенс Столтенберг, а во присуство на високи претставници од парламентите на 29 земји- членки, меѓу кои и спикерот на Конгресот на САД Ненси Пелоси. Таа на Димовски и на другите членови на македонската делегација им ги пренела  честитките до македонскиот народ во име на американскиот Конгрес.

Димовски имал свое обраќање на состанокот на Северноатланскиот совет, при што истакнал дека во Македонија се донесоа тешки и болни одлуки и затоа заслужуваат посебна почит од сите НАТО сојузници. Потенцирајќи ја посветеноста на Македонија уште од далечната 1993 година, кога првпат македонското Собрание ја утврди својата определба за членство во НАТО – алијансата, побара забрзана ратификација на Протоколот за членство во НАТО од парламентите на сите 29 држави членки, но и се заблагодари на колегите од грчкиот, албанскиот и словенечкиот парламент кои веќе го сториле тоа.

Состанокот на Северноатланскиот совет македонската парламентарна делегација, како што се соопштува, го искористи за низ билатерални средби со претставници на парламентите од повеќе НАТО држави при што повторно побара забрзана ратификација на Протоколот за членство на Македонија од своите колеги од сите 29 земји- членки. Очекувањата на македонската делегација се дека процедурата за ратификација на Протоколот за членство ќе оди брзо и без пречки во сите парламенти на државите членки на НАТО.

Македонската парламентарна делегација ќе ја продолжи својата посета во НАТО и следните два дена.