Димитров: Референдумот е крстосницата на која ќе треба да ја заокружиме нашата државност


Овој 30 септември е крстосницата на која ќе треба ние да си ја заокружиме и да си ја зацврстиме нашата државност, и тоа со зачуван идентитет како македонски народ кој зборува на македонски јазик, истакна шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната средба со граѓаните на Охрид, посветена на престојното референдумско изјаснување во врска со договорот со Грција.

Димитров пред охриѓани укажа на некои историски факти како дека 27 години од стекнувањето на независноста до денес Македонија во само една регионална организација е регистрирана како Република Македонија, додека во сите останати светски институции, организации, асоцијации, здруженија фигурира како ПЈРМ.

– Влеговме во ОН со обврска да го решиме тој проблем. Прашањето е мошне тешко, тоа го преживувавме на дневна основа. Тргнавме од претпоставката дека најважно од се е да го заштитиме идентитетот, дека сме македонци и оти зборуваме на македонски јазик. Ова не е само решение за 27-годишно прашање што не влече назад, туку историско помирување меѓу двата народи, рече меѓу другото Димитров, посочувајќи примери на тежината што го имаат сите помирувања меѓу народите гледано историски.

Тој истакна дека нема попатриотска должност од соочување со проблемот што го имате, а притоа да се извлече максимум.

– Одвај стигнавме до овој момент, гледаме и во Грција тешко минува прашањето. За да влеземе и да седнеме на иста маса сите 28 држави во ЕУ и 29 во НАТО треба да речат повелете. И затоа моравме да ја убедиме и Грција дека нашето место е со сите нив. Она што е битно е што светот препозна волја и решителност да си ги земиме работите во свои раце и да тргнеме напред. Тоа не се случува често, особено на Балканот каде секоја народ смета дека е најстар, дека историјата е најважна…, рече тој притоа потенцирајќи ја важноста од воспоставување добри односи со соседите.

Членството во НАТО значи гаранција за границите на државата, а истовремено за големите компании станува предвидливо за тоа што ќе се случува наредните децении. Предвидливоста за долгорочна стабилност е предуслов за  повеќе странски инвестиции.

– Иднината ни е во НАТО и во ЕУ, во друштво на стабилни држави, уредени општества со подобар стандард, со повеќе работа, повисоки плати, да бидеме дел од тој свет. За прв пат после 27 години пред нас е отворена една врата, доволно висока за да се влезе во тие семејства каде припаѓаме и тоа без да се наведнуваме, рече уште шефот на македонската дипломатија.

Димитров укажа дека политичката ситуација во Европа таква каква што е, со се поизразено спротивставување на некои држави кон идни проширувања, без да се знае дали ќе има следна шанса за зачленување, кога ќе биде тоа…

– И за оваа шанса ќе треба грчевито да се бориме, да ги засукаме ракавите да сработиме во нашиот двор. Одговорноста на нашата генерација и иднината на нашите деца се на тест. Имаме шанса за членство во НАТО, што ќе стави печат на заветот од првиот референдум на 1991 година и шанса да го фатиме возот на пругата што води кон ЕУ, композицијата што минува се поретко и со се помалку вагони, посочи тој изразувајќи убеденост и уверување дека Македонија ќе го направи вистинскиот чекор кон стабилна, просперитетна и успешна држава.