Димитров: Неопходен е стимул од ЕУ за европерспектива на регионот
Сега е вистинскиот момент кога земјите од Западен Балкан треба да се најмногу сплотени и заеднички да ја градат својата европска перспектива со цел побрзо интегрирање во европското семејство, истакнал министерот за надворешни работи Никола Димитров на Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан која денеска се одржа во Сараево.
Како што соопшти МНР, шефот на македонската дипломатија нагласил дека регионот е на добар пат и дека тоа е очигледно од нагласената јасна политичка волја на земјите од регионот за европска интеграција.
– Ако сакаме да го задржиме ова темпо, овој моментум и оваа детерминираност, мора да имаме стимул – политичка одлука за отпочнување на пристапните преговори во јуни. Одговорноста за отклучување на вратата за влез во ЕУ е заедничка, и само тогаш може да зборуваме за кредибилност на стратегијата за проширување, изјавил Димитров.
Неговото учество на состанокот на министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и на Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан што денеска се одржа во Сараево беше на покана на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак.
Главен заклучок на состанокот, наведува МНР, бил дека регионот има јасна европска перспектива и припаѓа во секој поглед во Европската Унија.
Министрите заеднички ја поздравиле Стратегијата за проширување на Европската комисија и се согласиле дека претстојните месеци се пресудни за европската иднина на земјите од Западен Балкан.
– Главен фокус за време на министерската дискусија беше евалуацијата на реализираните чекори, кои беа заеднички договорени на последниот Самит во Трст, како и содржинската подготовка за претстојниот Самит за Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон во јули оваа година. На Министерската конференција за Фондот за Западен Балкан беа разгледани сите можности и начини за ефективна употреба на придобивките од Фондот за Западен Балкан, при што беше истакнато дека најголема потреба од инвестиции има во инфраструктурата, област од особена важност за меѓусебната поврзаност на регионот, соопшти МНР.