Димитров на 15 и 16 март во Атина на покана на Коѕијас


Министерот за надворешни работи Никола Димитров во петок и сабота, на 15 и 16 март, ќе учествува на Меѓународна научна конференција организирана од атинскиот Универзитет Пиреас, по повод 20-годишнината од постоењето на катедрата за меѓународни и европски студии и во чест на почесниот професор и поранешен шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.
Дводневната конференција на тема „Грчката активна надворешна политика во 21 век”, ќе се одржи во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Грција, а ќе има пет тематски дискусии, од кои последната е посветена на регионот.
За Балканот и Југоисточна Европа во сабота напладне ќе дискутираат македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и поранешните шефови на албанската и бугарската дипломатија, Дитмир Бушати и Даниел Митов.
Поканата до Димитров да учествува на конференцијата, ја откри, уште на крајот од минатата година поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕиас во интервјуто за МИА.