Димитров: На прашања од историјата не смее да се прави дневна политика


Историските прашања не треба да се користат за дневна политика. Политичарите имаат големи искушенија во борбата за власт да користат вакви прашања, но тие лесно се лепат, а одговорноста е огромна, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за 24 Телевизија во однос на реакциите во Бугарија по изјавата на премиерот Зоран Заев за Илинденското востание.
Димитров рече дека Дговорот со Бугарија за добрососедство потпишан на 1 август лани, кој е ратификуван и во сила, е рамка за иднината на односите на двете земји, нивната блискост и пријателство. Нагласи дека без оглед за кој сосед се работи, не може да бидете успешни ако сте скарани со соседите и ако има крупни проблеми.
– Во дел од Договорот се вели – има моменти во нашата историја што се заеднички. Заеднички значи – се споделуваат. Кога велам дека на Балканот растеме и имаме за учење, мислам на неисклучив приод кон такви прашања. Дали може Илинденското востание да биде македонско во Република Македонија, а бугарско во Република Бугарија и дали се тие комплементарни, дали можеме да најдеме начин тоа да го споделиме. Колку помалку комплекси имаме и колку поголема самодоверба имаме денеска за тоа кои сме, толку полесно ќе можеме овие прашања да ги решаваме. Меѓутоа на вакви прашања не смее да се прави дневна политика. Преважно е, рече Димитров.
Посочи дека од првиот ден Владата води политика на држава со која е многу тешко да се има караница и дека Македонија е сосед што подава раце, изразува разбирање и бара разбирање за своите потреби. Тоа што оваа Влада го прави во досегашните 14 месеци, требало, рече Димитров, да го направиме во последните 15 години.
– Со Бугарија имаме многу блиски односи и таа многу ни помогна како претседавач со Европската унија. Министерката за надворешни Екатерина Захариева се застапуваше за нас како да се работи за нејзина држава во Советот за општи работи во Луксембург при крајот на јуни, додаде шефот на македонската дипломатија.