Димитров: Македонија ќе покаже дека си ги фати дизгините на својата иднина


 Историскиот момент е огромен и овој референдум има веројатно исто такво значење како што имаше првиот референдум за независност на 8 септември 1991 година.

Ова вечерва го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во дуелот со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на емисијата Топ Тема на телевизијата Телма.

– Да се зборува за референдум од 2005 година наваму, да се има во сите партиски програми, првото компромисно решение што двете држави го потпишале да е на маса во 27 години и да се бега од одговорноста, од гласот на народот, бидејќи народот зборува преку гласање, е неверојатно неодговорно и е бегство од одговорноста и е страв, рече Димитров.

Николовски посочи дека имаат секојдневна комуникација со луѓето.

– Еден помал дел се „за“, во етничките Македонци речиси никој, затоа што директно таму е најголем ударот и има еден силен дел кои се против и логично би било да го искажат својот став. Но, има едно силно движење за останување дома, рече Николовски.

Со овој Договор, посочи Николовски, Димитров им дава право на Грците да го имаат целото наследство од антика до денес и да ги користат термините македонски и Македонија не само во денешна Северна Грција односно Егејска Македонија, туку каде сакаат.

– Во случајот на Република Македонија користењето на терминот македонски јазик и македонски народ се ограничува само овде. Тоа значи дека кога ќе излезете надвор од овие граници нема ниту македонски јазик, ниту македонски народ, смета Николовски.

Димитров рече дека во член 1 став 3 во однос на јазикот, официјалниот јазик на втората страна ќе биде македонски јазик, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

– Член 7 во однос на идентитетските прашања: страните прифаќаат дека нивното разбирање на термините Македонија и македонски се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Кога ќе кажете Македонија и македонско кај нас овие термини ја означуваат нашата територија, нашиот јазик – македонски јазик, нашиот народ – македонски народ, македонскиот народ и неговите одлики со нашата сопствена историја, култура и наследство. Преголемо е прашањево, преважен е влогот, 27 години сме во ровот, првпат имаме шанса да излеземе од него, истакна Димитров.

Потенцира дека не може идентитетот да се гради со стотина споменици во главниот град. Идентитетот, посочи, мора да се гради со убедување со пријатели, со убедување дека и Грција има интерес ова прашање да се надмине…

– Се што сакаат граѓаните овој пат го овозможува Македонија да биде со зацврстена државност, да ја надмине задачата што сме ја добиле од Советот за безбедност на ОН од 1993 година, да ја ставиме последната тула во градењето на македонската држава, сигурни граници, бидејќи кога ќе влеземе во НАТО пораката е границите се тука да останат и услови за подобра софра на сите граѓани, за повеќе работа и подобро платена работа. Ова е тој пат, додаде Димитров.

Во врска со тоа што ќе биде успешен референдум рече „огромна поддршка од кампот ЗА, за да ни ја биде Македонија, за да си влеземе во НАТО, за да почнеме преговори со ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик и кои прифатиле компромис дека нашата Македонија не е целиот регион и ќе биде Република Северна Македонија.

Николовски смета дека нема да стигнеме во ситуација да се гласа за уставни измени, затоа што, како што рече, јасно е што ќе се случи на референдумот.

– Референдумот ќе пропадне и доколку Владата е малку одговорна воопшто нема да го води процесот понатаму кон уставни измени. Доколку сепак дојде до таква работа ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соодветствува на ставот на партијата, а ставот на партијата е многу јасен дека ќе го почитува исходот од референдумот, додаде Николовски.

На прашање како ја гледаат Македонија по 30 септември, Николовски рече дека Македонија ќе покаже себеси и на светот дека е горда, достоинствена и дека не прифаќа капитулантски договори.

Димитров, пак, нагласи „Македонија ќе покаже дека си ги фати дизгините на својата иднина, дека се избори за идентитетот и како Македонци и македонски народ со сите наши сограѓани ќе си обезбедиме подобри софри, повеќе работа, ќе си ја доизградиме државноста, ќе си влеземе во НАТО и ќе си обезбедиме граници“.