Димитров за стипендијата на ќерка му: Ударите упатете ги кон мене


Ќерката на министерот за надворешни работи Никола Димитров добила од 40 илјади долари државна стипендија од Министерството за образование и наука за да студира на Универзитет во Холандија, пишуваат неколку домашни медиуми.

Од Владата преку соопштение информираа дека Јана ги исполнувала сите строги критериуми на конкурсот, а стипендии добиле сите кои се запишале на првите 100 универзитети од шангајската листа, а останале дури и слободни места.

„Секој кандидат кој ги исполнуваше условите за доделување стипендија за студирање на најдобро рангираните 100 универзитети беше стипендиран, без каква било дополнителна селекција или приоретизација.
Во конкурсот немаше ограничување на бројот на места, а во 2017 година имаше помалку кандидати од одобрените средства за стипендии. Процедурата беше во согласност со критериумите, сите одлуки за стипендии беа донесени пред распишувањето на изборите, во законски дозволениот рок. Формираните комисии одлучуваат во определени временски интервали, согласно доставените пријави за стипендирање. Заради почитување на законските рокови, сите одлуки се донесени пред распишување на изборите, со цел студентите да не ја испуштат учебната година која почнува или во септември или октомври, зависно од универзитетот“, стои во соопштението од Владата.

Министерот Димитров на својот Фејсбук профил ѝ се извини на својата ќерка што била вовлечена на јавно изложување и што добивала грозни пораки.

„Пред сè, сакам јавно да ѝ се извинам на ќерка ми, за грозните пораки што ги добила и за јавното изложување што го предизвикала единствено затоа што е одговорна и способна. Затоа што успеа да се запише на еден од најдобрите универзитети во светот. Гордост моја! Ударите за мојот политички ангажман упатете ги кон мене“, пишува Димитров и додава дека сите кои ги исполниле условите добиле стипендија.

Тој јавно повика да се објават имињата на сите студенти кои добиле ваква стипендија во изминатите години, од воведувањето на програмата.

„Згрозен сум од вовлекувањето на моето семејство со очигледни политички мотиви во време кога нè чека историска одлука“, пишува Димитров.