Димитров за ИБНА: Договорот ќе помине, со Грција сме природни сојузници


 
Шефот на македонската дипломатијата, Никола Димитров, е уверен дека граѓаните на Македонија ќе застанат зад договорот со Грција бидејќи, според него, кога се исправени пред големи историски раскрсници знаат мудро да изберат.
„Јас сум уверен дека кај нас ќе помине договорот бидејќи, кога имаме големи историски раскрсници, знаеме мудро да избереме. Уверен сум, исто така, дека и противниците на договорот од двете страни по некое време, од таа историска перспектива, ќе прифатат дека ова е важен чекор напред бидејќи ќе има многу придобивки. Соседи сме, тоа не можеме да го смениме, историјата не можеме да ја смениме, но можеме да влијаеме на нашата иднина, да си ја направиме подобра.Најлесно за политичар е да живее  од овој спор, ама решавањето создава подобар живот за граѓаните и на двете страни“, порача Димитров во интервјуто за ИБНА од Виена.
Околу реакциите во Грција за употребата на термините „Македонци“ и „македонски“, Димитров порача дека  две држави во Европа во 2018 година  можат да се договорат за тоа, бидејќи во Грција кога ќе се каже Македонец се мисли на старата хеленска култура и на тамошниот регион Македонија, а кога ќе се каже Македонец кај нас, се мисли на нешто друго.
„Зошто тоа да биде проблем? Правото на самоопределување е нешто за што не може да се спори во 21 век во Европа“, порача Димитров. Според него, македонскиот јазик е јужнословенски јазик и така впрочем стои во договорот.
„За да ја ослободиме енергијата во нешто корисно, како економска, прекугранична и соработка во безбедноста,  треба да ја тргнеме и пренасочиме од оваа непродуктивна дебата“, рече Димитров, објаснувајќи  дека на Балканот има многу историја,  а подобро е да се договориме  што може да се направи денес и утре.
„И јас, и мојот пријател Никос Козијас сме убедени дека ова што го правиме е инвестирање во нашето пријателство, бидејќи ние сме природни сојузници. Со исправна политика за неколку години сите дилеми ќе спласнат и сите ќе се чудиме како не го направивме ова уште на почетокот на деведесетите години и како направивме цела една генерација  да живее со овој спор. Ние направивме конкретно постигнување што создаде де факто солидарност и еден убав мост на пријателство “, додаде Димитров во интервјуто.
Оценувајќи дека за владата во Македонија ова е најважно прашање тој најави дека таа ќе работи посветено да ја убеди и опозицијата  да даде поддршка, иако сега ја обвинува власта дека капитулирала и дека таа би постигнала подобар договор од потпишаниот.
„Подобар договор, за едната или за другата страна, води кон немање договор. Таква е природата на сите компромиси“, порача Димитров во интервјуто за ИБНА.