Димитров: Да се нема став за референдумот е бегање од одговорност


Министерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва изјави дека не може опозицијата да нема став за важно прашање како што е референдумот.

– Мислам дека мора да пораснат. Има таму и разумни гласови и мора да расправаме за нешта како економски перформанси, кој е почесен и слично, да не се расправаме по ова прашање бидејќи Македонија не смее да биде заложник на лични и партиски интереси. Да се нема став за ова прашање е бегање од одговорност или пикање на главата во песок како ној, бидејќи нојот кога ја крие главата бара храна, но кога човек ја крие главата во песок-бега, се плаши или срами, рече Димитров во Крива Паланка, одговарајќи на новинарско прашање чекор ќе направи опозицијата и дали ќе повика на бојкот на референдумот.

Според него, во едно мега-интервју на Груевски за „Република“ во ноември 2017 година, тој рекол дека нема никогаш Грција да се согласи македонскиот јазик да биде македонски јазик, преведлив на сите јазици. Што многу наликува на она што, како што рече, сега лидерот на грчката опозиција го кажува критикувајќи си ја Владата.

– Факт е дека ние си го заштитивме најважното, Македонци сме и зборуваме македонски јазик, направен е компромис со прифаќањето на географската одредница, но поддршката од граѓаните се бара за конечно да се земе судбината во свои раце. Ја бараме поддршката од граѓаните за Македонија одлучно да тргне напред бидејќи чекајќи станавме многу кревки. Неизвесно е, младите ни одат, нема да биде лесно да се сопре тој процес, но нема друг начин освен Македонија да се крене, да ја направиме европска Македонија, рече Димитров.