Димитров-Бјорнстад: Континуирана поддршка од Норвешка за членство во НАТО и ЕУ


Норвешката поддршка за евроатлантската интеграција на Македонија, вклучително и норвешката проектна помош насочена кон подобрување на подготвеноста на Македонија за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, беше тема на денешната средба во Скопје на шефот на македомската дипломатија Никола Димитров со норвешкиот амбасадор Арне Санес Бјорнстад.

Како што соопшти МНР, истакнувајќи дека патот кон ЕУ не претставува предизвик само поради критериумите за членство, туку и заради сложеноста на самиот процес на преговори, министерот Димитров изрази благодарност кон Кралството Норвешка за долгогодишната поддршка и проектна помош за Република Македонија.

Амбасадорот Бјорнстад, пак, се наведува, ја реафирмираше поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и неопходните реформи и информираше за одлуката на Норвешка за двојно зголемување на финансиската помош за Македонија во наредниот период.

И покрај тоа што не е ЕУ членка, Норвешка во континуитет го споделува своето исцрпно искуство во преговарањето и одржувањето тесни врски со Унијата преку Европската економска област, Шенгенската зона и други форуми на соработка, унапредувајќи ги на тој начин административните и законодавните капацитети на Македонија за спроведување на неопходните реформи и отворање на пристапните преговори. Ваквата поддршка беше дополнително унапредена и со потпишувањето на Заедничката изјава за партнерство и соработка меѓу двете земји во август, 2017 година во Осло, наведуваат од МНР.

Последна потврда за тоа, се посочува, е започнувањето на проектот за техничка помош наменет за подобрување на капацитетите за процесирање и заштита на документи и унапредување целокупниот систем за комуникации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, како корисник на проектот. Спроведувањето на овој проект со времетраење од 12 месеци е предвидено да заврши до крајот на 2018 година, додека проценетата вредност на средствата за неговото спроведување изнесува 1,5 милиони евра, стои во соопштението од МНР.