Димитриевски: Преку референдумот до повеќе проекти


Со поддршка на рефрендумот се отвараат можности за аплицирање на повеќе проекти од кои краен бенефит ќе имаат граѓаните, порача денеска на средбата со преставниците на граѓанскиот сектор, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Тој посочи дека секој поединечно треба да донесе одлука како ќе се произнесе на 30-ти, но дека токму граѓанските организации во минатото користеле европски фондови за реализација на проекти од различни сфери, наведувајќи примери од секојдневието и досега реализираните проекти, Димитриевски укажа дека многу поголеми се можностите за аплицирање по влезот на Македонија во НАТО и по отварањето на претпристапните преговори.

– Презадоволен сум од присуството на организациите. Можностите за апликација ќе бидат поголеми и важно е да се одобрат и реализираат, а краен бенефит ќе имаат граѓаните во различни области, рече Димитриевски.

Пратеничката Лидија Тасевска истакна дека неваладините организации се важни за изградба на концептот на демократско општество и дека во изминатиот период го покажале тоа.

– Со поддршката за евроатлантската интеграција се отвараат многу перспективи, посебно за младите. И сега имаме пристап до фондовите, се изградија училишта, градинки, болници. Оваа помош ќе биде позабележлива откако ќе станеме дел од НАТО и европското семејство, рече Тасевска.

Граѓанските организации, ја искористија средбата и разговараа со градоначалникот за нивните тековни и планирани проекти.

Тој апелираше тие да го следат повикот кој ќе биде објавен кон крајот на октомври и почеток на ноември за средства кои општината ги доби од УНДП наменети за невладиниот сектор.