ДИЗАЈНЕРКАТА ИВАНА КНЕЗ ОСЛАБЕ 25 КГ: Им станав инспирација на девојките


Дизајнерката Ивана Кнез сега изгледа како мачка, симболот од нејзините ѓердани. Кога ги подготвува колекциите , секогаш е „драма“ како што се вика нејзиниот бренд. Таа е жена и пол, како жената, силна, моќна и самосвесна во нејзините колекции. Ретко кој знае дека е дипломиран костимограф, на Академијата за убави уметности во Белград . Работи како аутсорс дизајнер за „Сара Фешн“ локално, и за три компании надвор од Македонија. Ви ја претставуваме новата Кнез, со вита става, и послаба 25 кг.

Зошто ослабна?

– Колку од вас кога ќе се погледнат во огледало се задоволни од тоа што го гледаат? Јас не бев, од повеќе аспекти не бев, и морав да превземам нешто. Можеби тоа што решив да ослабам физички беше првиот мотивационен момент да го променам целиот животен стил и секојдневните одлуки.

Од естетска или здравствена причина?

– Пред се од здраствени причини. Никој од нас не е свесен во каква општествена центрифуга сме влезени, колку неквалитетно конзумираме, колку брзаме и кои се последиците. Секој ден сме опкружени со стрес на кој му даваме значај и го ставаме на прво место, и станува дел од секојдневната енергија. Па така станавме склони на депресија, брза храна и болести. Дали знаете дека секој орган во човечкото тело е поврзан директно со прехранбен продукт? Дали знаете дека крвната група кај секој човек е поврзана со нетолеранција на храна? Дали знаете дека секоја состојка во храната делува на различен хормон? И можам да продолжам до бескрај со прашања, на кои полека но сигурно започнав да пронаоѓам одговори и да применувам на себе. Освен што ослабев, здравствено сум во беспрекорна состојба, без суплементи го одстранив целулитот и кожата ми блесна.

 

Колку кила ослабна? 

-Точно 25кг. Од 92 намалив на 67, кои веќе варираат надолу и целам да стигнам до 63 и со тоа да дојдам до идеални пропорции за мојата висина, 178 см…

Кој ти беше конфекцискиот број, а кој е сега?
-Дојдов до 44, а сега сум 38.

Што јадеше, а кое ти е сега менито?
-Јадев се што не треба, пршута, сирење, пици, слатки, пиев алкохол не внимавав на хидрирање и секоја нервоза ја лечев со торти. Сега јадам килограми овошје и зеленчук, отфрлив бело брашно и шеќер, внимавам на протеините и јадам само веганско слатко.

 

Која диета ја избра?
-Моја лична, не држев диета, се учев да јадам. Го променив целиот мој животен стил, започнав да одам на вежбање, трчам, имам апликација која ми го следи калорискиот внес, сама си ги бирам вежбите и сама ги правам оброците. И сега веќе полека и сигурно го менувам целиот мој живот. Се уште сум под искушенија, се уште имам работа на моето тело, и уште потешко ќе биде да се одржам, но среќна сум кога се гледам во огледало и тоа ми е доволна мотивација.

Имаш ли пример од естрадата за изгледот, странска или домашна?
-Џенифер Лопез! Жената е како да ја чуваат во нафталин не старее!!! Кога таа може сите можат! Кога една жена започнува со промени, коцките се редат и позитивно се менува целиот живот!

Што ти беше најтешко при диетата?
-Слаткото! Уште ми е тешко но си најдов начин и замена за шеќер па така сега правам експерименти со мед, урми, овошје, какао.. наоѓам рецепти и правам свои и одлично е бидејќи не го мачам сопственото тело. Јадам се што сакам и колку сакам и слабеам а тоа е целта на секоја жена, зар не?

 

Дали откако ослабна, го смени стилот на живеење и на облекување?
-Комплетно! Старата гардероба и ја подарив на мајка ми, јас го променив начинот на облекување, размислување и делување. Поинаку реагирам на проблеми, се чувствувам поисполнето и посреќно, и се трудам да не се кријам под фасади од шминки и гардероба, туку да уживам во истите, ги одделив аутфитите за свечени прилики и секој ден.

Како реагираа семејството, пријателите и јавноста?
-Моите најблиски комплетно се заразија со новиот начин на исхрана, менуваме рецепти, се внимаваме која до каде е, се подржуваме и едуцираме секоја за свои лични проблеми кои потоа заедно ги поминуваме. Драго ми е што успеав да делувам на сите околу мене и да направам толку позитивни промени.


Јавноста поделена како секогаш, дел одушевен, дел полн со завист па така слушам чаршиски муабети за липосукција, интервенции, болести и слично.. Но како личен успех го сметам тоа што многу девојки ме земаа за лична инспирација и започнаа со промени, ми се обратија за совет и подршка и веруваат во себе! Сега мене ме мотивираат да споделувам повеќе на дневно ниво веќе, како и што правам со цел личен развој и позитивна промена!

Кнез советува
Доколку не сте задоволни од сликата во огледалото започнете со промена веднаш! Дали тоа ќе е физичка промена, ментална хигиена или работа на емоционална зрелост, тоа е лично! Но, не останувајте во мртва точка, со еден мал чекор може да си го промените целиот живот! А јас ќе се потрудам што е можно повеќе да споделувам дневни активности за да ви покажам дека ништо не е тешко. Една жена има моќ да помести планина, само ако е решена за тоа!

 

Лејла Сабит

фото: ВД, Студио Драма