Дидие Рејндерс кандидат за генерален секретар на Советот на Европа


Сегашниот министер за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс ќе се кандидира за генерален секретар на Советот на Европа, јавија попладнево повеќе белгиски медиуми.

Според јавниот сервис на Белгија, во овој момент има двајца кандидати за оваа функција, а апликациите се примаат до 10 јануари. Процедурата на селекција започнува во март, а во јуни ќе биде донесена крајната одлука. Доколку Рејндерс биде избран, тој би ја заземал функцијата на 1 октомври 2019.

Медиумите коментираат дека ова би значело можно трајно повлекување на министерот од домашната белгиска политика и дека Рејндерс „одамна“ има меѓународни амбиции, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според Џони Вансевенант, специјалист за белгиска политика, Рејндерс имал амбиции и за Европската Комисија во минатото.

Советот на Европа е различна организација од Европската Унија, со седиште во Стразбур, чија главна работа е фокусирана на човековите права и брои 47 земји членки, меѓу кои и Македонија. Судот за човекови права е формиран од страна на Советот на Европа.

Сегашниот генерален секретар е Торбјорн Јагланд, поранешен премиер и министер за надворешни работи на Норвешка. Јагланд првпат беше избран во 2009 и реизбран во 2014 година.