„Дејли Мејл“: Јункер пречесто летал со приватни авиони


Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во 2018 година користел приватни авиони за речиси половина од своите службени патувања ширум светот, пишува „Дејли Мејл“ повикувајќи се на официјални податоци.

Според правилата на Европската комисија, изнајмувањето авиони е дозволено само кога не е можно да се најде соодветен комерцијален лет. Меѓута, како што наведува весникот, Јункер изнајмил приватни авиони за 21 од 43 службени патувања во периодот од јануари до ноември 2018 година. Со тоа претседателот на Европската комисија најверојатно направил сметка од повеќе стотици илјади фунти, покажува анализа на британскиот таблоид.

Најскапо патување со приватен авион „по лице“ била еднодневната посета на Мадрид. Трошоците за тоа патување изнесувале 6.734 фунти по лице, што е повеќе од 7.483 евра, но вкупниот трошок за изнајмување на приватен авион за таа посета не е откриен.

Како второ на списокот најскапи патувања на Јункер со трошоци од 6.374 фунти по лице, што е повеќе од 7.000 евра, „Дејли Мејл“ ја наведува неговата четиридневна посета на земјите од Западен Балкан.

Британскиот таблоид истакнува дека после најновите откритија, упатени се повици претседателот на Европската комисија да биде подложен на истрага поради наводно „прекумерна“ употреба на приватни летови кои ги финансираат даночните обврзници на ЕУ. в