„Дејли мејл“: Меган Маркл во венчаница на „Ралф и Русо“ од 100 илјади фунти


Англија– Британскиот магазин „Дејли мејл“  ја откри информацијата дека идната принцеза Меган Маркл ќе носи венчаница од модното дуо „Ралф и Русо“, во вредност од околу 100.000 фунти.

Како пренесуваат, информацијата за нивниот медиум ја споделиле извори од кралскиот круг, но и модниот свет.

Трошоците за венчаницата ќе ги подмири кралското семејство, а венчаницата ќе била украсена со бројни украсни камчиња и монистра.

Хари одбива да дознае било каква информација за тоа како Меган ќе изгледа на 19-ти мај, за кога е и закажана венчавката.

„Тој е многу возбуден околу сè поврзано за тој ден и сака традиционално да им пристапи на работите“, вели неименуван извор за „Дејли мејл“.

„Дејли мејл“ открива дека Меган ќе има уште еден фустан, полежерен, кој ќе го носи на забавата после црквената церемонија.

На свадбата на Меган и Хари, се поканети 600 гости. Невестата нема да има деверици, туку таа „улога“ ќе им припадне на сите деца, вклучувајќи ги и принцот Џорџ и принцезата Шарлот. Војвотката од Кембриџ, Кејт, ќе присуствува на свадбата, но без новородениот принц Луис. Родителите на Меган ќе ја запознаат кралицата, Чарлс и Камила непосредно пред венчавката, а до олтарот сепак ќе ја испрати нејзиниот татко.

На венчавката ќе присуствуваат и братот и сестрите на Дајана, а Џејн ќе одржи и говор посветен на омилената британска принцеза.

Сè уште не е сигурно дали принцот Филип (96) ќе присуствува, бидејќи сè уште се опоравува од операцијата на колк што ја имаше неодамна.

Двојката ќе го одложи медениот месец за летниот период.