Деца со аутизам од социјално загрозени семејства бесплатно во Центар за сензорна терапија


Деца со аутистичен спектар на нарушување на возраст од две до девет години од социјално загрозени семејства ќе добијат едногодишен бесплатен ран третман и терапија во Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет“ во Скопје.

Ова го овозможува проектот што го подготви Министерството за труд и социјална политика во соработка со Здружението „Во мојот свет“ и ќе спроведува мониторинг врз нговата реализација. Проектот беше промовиран денеска во просториите на Центарот. Општина Аеродром ќе обезбеди помош за вклучување во програмата и на други деца од општината. Финансиските средства се обезбедени од бугарското Министерство за надворешни работи.

Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет“ денеска го посетија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, амбасадорот на Република Бугарија, Иван Петков и градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.

– Наша цел е да ги поддржиме постоечките социјални услуги на територија на Република Македонија и во градот Скопје. Но, важно е да развиваме нови и да ги поддржуваме. Важно е истите овие сервиси кои постојат и оние кои ќе се отвораат да бидат достапни за сите граѓани, за оние кои имаат помалку финансиски средства. Токму затоа овој проект е многу важен, затоа што има социјални пакети и оние кои не можат да си дозволат сензорни соби да може да ги користат во Центарот. Тоа е основната алка која недостига во социјалниот систем на која работиме изминатиот период, а ќе работиме и во 2018 година, рече Царовска.

Ниту една развиена социјална држава, посочи, не успеала сама да ги покрие сите потреби на граѓаните, затоа граѓанските организации се партнери кои заеднички со квалитет и достапност на граѓаните ќе може да понудат поголема палета на услуги.

– Токму на тоа работиме и се надевам дека заедно сите ќе успееме и ќе имаме подобра социјална заштита во наредните години, истакна Царовска.

Посочи дека во Топанско Поле во постоечки обејкт склучиле меморандум со друго здружение на граѓани кое квалитетно работи на третман за да може и во тој дел на Скопје да обезбедат Центар во овој капацитет.

– Владата на минатата седница усвои информација со која со донација од Американската амбасада се гради голем Центар за аутизам, кој ќе биде здравствено социјален. Го прошируваме капацитетот. Ова е неопходно да се случува во нашата држава, додаде Царовска.

Координаторот на проектот, Александар Стојановски истакна дека имаат 20 социјални пакети, што значи 20 деца во текот на една година ќе имаат дефектолошко-логопетски третмани.

– Центарот работи од 8 до 20 часот во две смени и моментално имаме 29 деца кои ќе се третираат. Потребни се многу вакви центри. Работиме на тоа да отвориме уште еден ваков центар, бидејќи веќе се исполнува капациентот на овој Центар, додаде Стојановски.

Амбасадорот Петков рече дека аутизмот не е болест, туку состојба. Потенцира дека тоа се надарени деца кои имаат потреба од специјална грижа, а тоа го нуди Центарот за сензорна терапија. Се заблагодари на Владата и на министерката Царовска за отпочнувањето на проектот.