Деца од Македонија донираат коса за болни од рак во Холандија


Малата надежна балерина, велешанката Бојана, пред две години не се двоумела дали да ја потстрижи својата долга коса, иако за една балерина пунџата е дел од имиџот. Фактот дека таа ќе се искористи за перика и ќе му биде донирана на дете што останало без коса поради хемотерапија бил пресуден Бојана да се вклучи во акцијата на „ЗЕДМ сложувалка“. Со овој гест таа покажала дека за хуманоста нема возрасна граница бидејќи тогаш, во 2016 година, била најмладиот донатор на коса. За акцијата дознала нејзината мајка од фејсбук-страницата на Здружението.

„Претходно на еден портал видовме како едно дете од Америка ја чувало косата неколку години за да ја донира, па таа самата посака да ја донира својата коса. Кога се одлучи на тој чекор, имаше 6 години. Во тоа време посетуваше часови по класичен и модерен балет, па чекавме да дојде лето зашто ѝ требаше пунџа за настапите. Пред пострижувањето уште еднаш ја прашав дали е сигурна дека сака да ја скрати косата, но не се двоумеше“, ни раскажа Маја Весова, мајката на Бојана. Девојчето, иако останало без пунџата, а после летната пауза продолжило со балетот, воопшто не жалело што се потстрижило, иако многумина во околината останале затечени. Косата ја потстрижила во јуни, кога завршиле приредбите. „Летото беа на распуст и до септември косата малку ѝ потпорасна, а користејќи многу шноли и сунѓер, некако успевавме да направиме пунџа“, појаснува мајката.

Бојана сега има осум години и косата ѝ е повторно долга. Доколку посака, вели мајка ѝ, повторно ќе ја скрати и ќе ја донира. Во меѓувреме, гестот на малата велешанка бил поттик за уште десетина девојчиња ширум државава да се вклучат во акцијата. Досега, повеќе од 25 луѓе од Македонија ја донирале својата природна коса. Генерално донатори се женски, а всушност, иницијатор на акцијата е момче.

„Идејата за ваква иницијатива потекнува од 2015 година кога Ненад Крџев, прв братучед на еден од основачите на ‘ЗЕДМ сложувалка’, изрази желба својата долга природна коса да ја донира за од неа да може да се изработи перика за деца болни од рак. Неговиот несебичен потег пред две години покрена голема заинтересираност во Македонија и до ден-денес, речиси секој ден, добиваме пораки од луѓе што сакаат да ја донираат својата коса“, велат од Здружението. Посочуваат дека кога Ненад одлучил да ја потстрижи косата, од „ЗЕДМ сложувалка“ ги исконтактирале здруженијата „Борка” и „Пеперутка” за да прашаат каде може да се донира коса во Македонија. За жал, оттаму ги известиле дека не постои таква соодветна организација или институција во нашата земја, па се обиделе да најдат некоја крајна цел надвор од Македонија.

„Исконтактиравме пет странски организации од Германија и од Холандија и добивме повратен одговор од холандската организација ‘Stichting Haarwensen’. Детално разгледавме за иницијативите и активностите на самата организација и се запознавме со условите на донирање на коса“, велат од „ЗЕДМ сложувалка“. Наскоро потоа, Ненад ги скратил косата и плетенката, преку пошта ја испратил до холандската организација. После десетина дена, тој добил повратен имејл со потврда дека неговата плетенка стигнала и донацијата е успешна. Откако сликата од донацијата на Ненад била поставена на фејсбук-страницата на Здружението, за кусо време се јавиле 50 луѓе заинтересирани да го направат истото.

„Неговата слика има преку 22.500 прегледи. Многу ни е мило што има добри и несебични луѓе во нашава земја, кои се заинтересирани да донираат коса за од неа да може да се изработи перика за дете болно од рак“, додаваат од Здружението. И после две години од тој гест, „ЗЕДМ сложувалка“ секојдневно добива мејлови и пораки од потенцијални донатори.

Кои се условите за донирање?

Од Здружението нагласуваат дека услов организацијата да ја прими донираната коса е таа да е природна, небојадисана и неизбелувана, со минимална должина од 30 сантиметри. Организацијата „Stichting Haarwensen“ ги прифаќа донациите, ги процесира и ги праќа до фирма која изработува перики во соработка со децата на кои најмногу им се потребни.

Зошто перики не се изработуваат кај нас?

Ентузијастите од Здружението направиле повеќе обиди донираната коса да се користи за перики за децата заболени од рак во Македонија, но залудно. Генерално, после неколкумесечно истражување и комуникација со соодветни институции, од „ЗЕДМ сложувалка“ заклучиле дека во нашата држава, барем засега, идејата не е изводлива.

„Во 2016 година бевме исконтактирани од стана на организацијата ‘ЕМСА Македонија’ која ни понуди оваа иницијатива за донирање коса да ја реализираме во проект со цел донациите да останат во нашата држава и периките да се подарат на деца болни од рак во Македонија. За жал, ова беше неуспешно поради реални (легални и персонални) причини“, велат од Здружението. Во меѓувреме, се обиделе да ја продлабочат соработката со „Stichting Haarwensen“ и им предложиле на секоја трета или четврта донација од Македонија тие да им достават една перика. „Ни објаснија дека потребни се неколку плетенки за да се изработи една перика и истата се изработува со детето кому таа ќе биде подарена (т.е. се мери големината на главата, посакуваната должина и сл). Исто така, наведоа дека постојат и правни препреки“, додаваат од Здружението.

Кристијан од Флорида меѓу првите донатори во светот

Се чини дека по гестот на сега веќе десетгодишниот Кристијан Мекфилами, кој живее во гратчето Белбурн на Флорида, зачестија донирањата коса низ целиот свет. Во 2015 година тој ја потстрижал својата бебешка руса коса, откако две години ја растел со една цел – да им помогне на своите врсници кои останале без коса, како последица од хемотерапија.

 

Кристијан и неговата мајка Деана имале секојдневен ноќен ритуал да пребаруваат на интернет случки и ликови што го привлекле љубопитството на малото момче во текот на денот. Таа ноќ Кристијан почнал да пребарува за болницата „Сент Џуд“ и видел реклама за донирање коса. Кога ја прашал мајка си што значи тоа, таа му објаснила дека секој може да донира коса за лицата кои оќелавеле поради хемотерапијата.

„Тој тогаш рече: ‘Сакам да го направам тоа’. Бев одушевена… обично кога Кристијан ќе науми нешто, тој го исполнува тоа. Не дозволува ништо да му попречи во достигнувањето на целите. Бев прилично убедена дека ќе оди до крај“, рекла Деана. Момчето ја растело косата две години, и покрај исмејувањата од околината дека наликувал на девојче. Снимката од потстрижувањето била поставена на интернет и за кусо време го обиколила светот, а хуманото момче предизвикало восхит и поттик и други деца, но и возрасни да го сторат истото.

Деспина Трајковска-Димова